Радио Кочани
Кочани

Парламентарни и Претседателски избори 2024 – Убедлива победа на ВМРО – ДПМНЕ и Сиљановска Давкова, во „тројката“ 14 мандати за ВМРО – ДПМНЕ, 4 за СДСМ…

354

ВМРО-ДПМНЕ има освоени 58 мандати во новиот пратенички состав. Ова го покажува последната симулација на Државната изборна комисија (ДИК), објавена утрово врз основа на обработени 99,60 отсто од избирачките места во сите шест изборни единици на територијата на целата држава.

Во апсолутно бројки, резулатите се темелат на обработени 1 802 165 избирачи од вкупно 1 815 350 колку што беа запишани во единствениот Избирачки список за парламентарните избори, одржани вчера, а на кои ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа.

Споредено со симулацијата на ДИК објавена доцна синоќа, ВМРО-ДПМНЕ сега, како што покажуваат новите бројки има еден пратеник помалку, односно 58 мандати.

Според последните податоци и симулацијата на ДИК, нема промени во бројот на пратенички места што ги освои СДСМ – 18, а идентичен е случајот и кај коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која, како што покажуваат привичните резултати, останува со 19 пратеника.

Освен кај ВМРО-ДПМНЕ, промена има и кај „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ на Максим Димитриевски, кое според последните податоци сега има шест пратеници, за разлика од претходните пет од синоќа.

Со ова партијата на Димитриевски во моментов е изедначена по бројот на пратеници со Левица, која останува на бројката од шест освоени мандати во новиот парламентарен состав.

Во Изборната единица број 3 каде што припаѓаат Кочани и соседните три општини, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ освоија 14 мандати, СДСМ со својата Коалиција дојде до 4 мандати и ЗНАМ и Левица имаат по еден мандат.

Со победа на Гордана Силјановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ, според првичните резултати на ДИК завршија претседателските и парламентарните избори во земјава. Сите учесници на изборите, како и членовите на Државната изборна комисија оценија дека изборите минаа во фер и демократска атмосфера.

По преброени 99,82 отсто од гласачките ливчиња, Силјановска Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Сево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%). Силјановска Давкова е првата жена претседател во земјава. Во изјавата дадена на синоќешната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, таа вети дека ќе биде претседател на сите грѓани.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе