Радио Кочани
Кочани

УГД дел од проект наменет на подобрување на состојбите во локалните радија

864

Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од интернационален проект со универзитети и локални радиостаници од Португалија, Словачка и Хрватска ќе учествува во изработка на апликација за препознавање на лажни вести и продуцирање на содржини кои ќе бидат на располагање на овие медиуми. Истовремено, на локалните и регионалните радиостаници ќе им бидат понудени и обуки за создавање на потребниот кадар за ниво функционирање.

Станува збор за проект финансиран од програмата European Education and Culture Executive Agency (EACEA) со наслов „NEWAVES – Collaborative Alliance for Radio Recovery and Boost of Community News Media in Lowdensity Territories“, или скратено NEWAVES.

 

Проектот е започнат од јули годинава и треба да продолжи во наредните периоди, со конкретни задачи за да произведе алатки кои ќе помогнат на локалните и регионалните радио станици да стекнат и да имаат пристап до платформа копија ќе има двојна намена, вели проект координаторот, м-р Васко Златковски.

„Првично, да создава вести од учесниците во проектот, а тоа се три радио станици и четири универзитети од четири различни држави, кои вести ќе бидат поставени на платформата, а локалните радиостаници ќе можат бесплатно да ги симнуваат без потреба да проверуваат дали содржат лажни вести. Ќе биде изработена посебна алатка, со помош на вештачка интелигенција, која врз основа на дадени параметри ќе оценува дали веста е вистинита или лажна. Тоа во голема мера ќе ја олесни работата на редакциите од локалните радиостаници, кои се во најнезавидна состојба бидејќи за да имаат пристап до информација, за да создадат вест, или да пласираат вест им е неопходен пристап до одредени платформи, кои може и да не се бесплатни и ќе треба да издвојуваат средства кои ги немаат.

Од друга страна, втора компонента на алатката е образовната, односно, сите вработени во локалните радиостаници кои се занимаваат со новинарство и создавање и пренесување на вести, да ги осовременуваат своите сознанија за неколку моменти, од економски и правен аспект. Од економски аспект, ќе бидат поставени онлајн курсеви за маркетинг и претставување на медиумите, анализа на слушателската тело, додека од правен аспект ќе имаат курсеви кои ја допираат темата на етиката, моралот во новинарството, се со единствена цел да создадеме новинари кои ќе пласираат вистински вести.

Ова е од особено значење за нашиот универзитет бидејќи почнува да го остварува она што во последните неколку години е тема на дневен ред, а тоа е поврзувањето на институцијата со стопанството, односно создавање на капацитет за иновативност во работата, а таа се создава токму на високошколските установи. Оттука, за нас како институција од посебна важност е поврзувањето со другите три институции , од Хрватска, Словачка и Португалија, за понатамошно учество во вакви проекти кои ќе значат размена на искуства, вмрежување и понатамошно поврзување со други слични проекти и процеси кои овозможуваат создавање нова вредност“

УГД учествува во проектот со два вида на капацитети. Првиот е академскиот кадар кој ќе учествува во развојот на стратегија за да се идентификуваат сите слабости на медиумскиот сектор во секоја од државите, којашто подоцна ќе послужи како основа за создавање на платформата во која ќе биде вградена вештачката интелигенција. Овде ќе учествуваат најмалку шестмина професори на Правниот и Економскиот факултет, кои ќе треба да изработат соодветни онлајн курсеви и проценки за состојбите во медиумскиот сектор. Од друга страна, колегите од Центарот за односи со јавноста ќе имаат своја улога во обука, практично спроведување на тоа што професорите ќе го димензионираат како обука. Студентите кои во иднина се препознаваат себеси како не класични новинари, туку соработници на радио или други медиуми, да имаат можност да го претворат теоретското сознание  во вештина. Тоа ќе им овозможи и полесно вработување во иднина, бидејќи денеска радиостаниците немаат време и средства да им понудат за обука за оние кои имаат интерес да се вклучат во работата, а не е сеедно доколку добиете готов производ или допрва треба да го обликувате.

Проектот треба да трае 24 месеци, веќе е во четвртиот месец, отпочнато е со создавањето на апликацијата со вештачка интелигенција, отпочнато е истражувањето во радиостаниците во сите четири држави и се надеваме дека до 8 ноември ќе го предадеме документот за состојбата со медиумите до Европската комисија и ќе бидеме подготвени за втората фаза од проектот.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе