Радио Кочани
Кочани

32. седница на Општинскиот совет – Марков побара културна институција во градот да се именува по Трајче Ѓоргиев

2,371

На првиот свој настап во Совеот на Општина Кочани, вчера на 32 – та редовна седница, откако беше верификуван неговиот мандат, во советнички прашања, Гоце Марков побара културна институција во градот да го носи името на Трајче Ѓоргиев, актер во МНТ, на филм и ТВ филм. Тој е создавач и главен двигател е на „Панфиз“, меѓународен фестивал на пантмима и физички театар.

Трајче Ѓоргиев е роден во Кочани, а кариерата на „штиците што живот значат“, ја почна токму во родниот град, на аматерската сцена, како актер и режисер, освојувајќи ја во повеќе наврати со свои претстави највисоката награда на ДАФ – „Васил Ќортошев“.

Претходно, преку социјалните мрежи, граѓани покренаа иницијатива Младинскиот културен центар во Кочани да го носи името на Трајче Ѓоргиев.

Советникот Марков, истомисленик со граѓаните што ја покренаа и ја подржуваат таа иницијатива, појаснувајќи дека и за него Ѓоргиев е еден од најзначајните промотори на културата во поновата историја на градот, го изнесе нивниот предлог пред останатите членови на Советот на Општина Кочани, кој сега е на потег.

Во биографијата  на новиот член на Општинскиот совет, Гоце Марков, стои дека тој е вработен повеќе од една деценија во ЈЗУ ,,Општа болница со проширена дејност “-Кочани, како ДМТ, специјалист по семејна нега и патронажна медицина, а во моментот го подготвува магистерскиот труд на „Психологија на менаџмент и организациско работење“ во Скопје.

Во неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, Марков, неколку години беше портпарол и лице одговорно за медиумски платформи, до скоро беше потпретседател на Општинскиот комитет, а со последната политичка реконструкција е назначен за организационен Секретар.

 

 

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе