Радио Кочани
Кочани

Трка во чест на Иле, возачот на Брза помош, кој возеше 11 пати од Кочани за Скопје на денот на трагедијата во „Пулс“

2,077

На 6 септември за првпат ќе се одржи хуманитарна трка „Голак Треил‘‘,  спортски настан кој претставува уникатна комбинација од планинско трчање и брзо одење, зависно од делницата на патеката, низ живописните предели на планината Голак, со совладување на одредена надморска висина.

Првото издание на ‘‘Голак Треил‘‘ ќе биде посветено на прерано починатиот Иле Гоцевски, возач во Брзата помош во Кочани, кој за време на трагичната несреќа возеше 11 пати до Скопје со цел да спаси животи. Во негова чест, трката ќе биде долга точно 11 километри, симболично претставувајќи го неговиот пат на пожртвуваност и човечност.

‘‘Голак Треил‘‘ е отворен за сите љубители на спортот, природата и авантурите – за сите кои сакаат да го искусат уникатниот спој од предизвик, убавина и мир што го нуди планината Голак. Сите собрани средства од котизациите на учесниците ќе бидат донирани на Support Кочани, а самиот настан ќе има хуманитарен карактер.

 

Главната цел на настанот е промоција на планината Голак и нејзините природни убавини, како и популаризација на планинскиот спорт и активниот туризам во источниот регион на Македонија. Голак е планина со исклучителни природни вредности, позната по спојот на три различни клими – континентална, планинска и медитеранска, што ја прави вистинска воздушна бања и идеално место за рекреација, спорт и одмор.

Со овој настан, сакаме да поттикнеме развој на планинскиот туризам и да го ставиме Делчево и неговата околина на туристичката мапа на Македонија. Источниот дел на земјата има огромен потенцијал кој досега недоволно е искористен. Веруваме дека преку вакви иницијативи ќе придонесеме за економски и туристички развој на регионот, создавање нови можности за локалната заедница и зголемување на свеста за значењето на здравиот начин на живот и активниот одмор во природа, велат организаторите на трката.

Извор: Канал 77.мк

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio