Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Како да не беше доволна трагедијата во дискотеката „Пулс“, Кочани денеска повторно беше потресен од нов немил настан – овојпат во самото срце на локалната власт.
Во текот на седница на Советот на Општина Кочани, атмосферата ескалираше до физички инцидент, при што еден од советниците, фрли шише и погоди вработена во општинската администрација.
Ситуацијата, која веќе беше напната, дополнително се влоши, а присутните и јавноста преку преносот во живо на Радио Кочани кои го следеа настанот беа шокирани…
в.д. Градоначалникот Венко Крстевски се обиде да ја смири атмосферата, но инцидентот остави горчлив печат врз целокупното работење на Советот.
Сѐ уште нема официјални информации за здравствената состојба на повредената вработена, ниту пак за преземените мерки.
Очекувањата од јавноста се јасни – инцидентот да биде целосно истражен, а одговорноста да се утврди без одлагање.
Во период кога Кочани сè уште се опоравува од тешката трагедијата, ваквите инциденти дополнително ја нарушуваат стабилноста и довербата во институциите.
Потребна е поголема одговорност, воздржаност и поддршка – и меѓу претставниците на локалната власт и во пошироката заедница.
