Радио Кочани
Кочани

Коцевски: Ниту една инспекција не стапнала во кочанската дискотека „Пулс“

2,473

Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 60 луѓе, а скоро 200 се повредени, Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција рече дека под истрага се сопственици, менаџери, корисниците на пиротехниката, обезбедувачи. Тој соопшти дека досега се осомничени 47 физички и три правни лица, а мерки за обезбедување се побарани за 19 новоосомничени.

-За четворица од обвинетите е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување на комуникација, и за уште седум лица се предложени мерки за претпазливост. Еден од осомничените во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата- вели Коцевски.

Покрај оние за кои постои сомнение за директна одговорност, Коцевски вели дека се истражува и одговорноста на сите институции и службени лица чии постапки довеле до кабарето од самиот почеток до крајот да продолжи да работи без воопшто да поседува законски услови.

-Покрај тројцата градоначалници на Кочани, ОЈО дојде до основано сомнение и за тројца овластени градежни работници кои постапувале спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и законот за инспекциски надзор и воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски преименуван во угостителски објект- информира Коцевски.

Од ДЗС, покрај директорот, поведена истрага за уште три лица на истата функција вклучително и актуелниот директор и генералниот директор во Дирекцијата кој бил на таа функција во тек на целото работење на Клубот.

„Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во законот за заштита и спасување, и законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности, не само по однос на овој клуб туку и на останатите угостителски објекти низ државата“, вели Коцевски.

Ниту еднаш, вели Коцевски, низ годините согласно ризиците кои постоеле и морале да ги имаат предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор на објекти кои вршат угостителска дејност.

„Со своето неизвршување на должностите , спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“, вели Коцевски.

Тој додаде дека истражните органи водат постапка и против седум полициски службеници.

Извор: Слободен Печат

© 2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio