Радио Кочани
Кочани

Апел за итни мерки за подобрување на хигиената и безбедноста на улицата „Лазар Андонов“

433

Апел за итни мерки за подобрување на хигиената и безбедноста на улицата „Лазар Андонов“ Ние, жителите на улицата „Лазар Андонов“, се обраќаме со сериозен апел до надлежните органи да преземат итни мерки за подобрување на условите во нашиот крај.

Од железничкиот мост до градскиот базен, просторот е запоставен и претставува опасност по безбедноста на граѓаните. Тревата е преголема, а чистењето се врши селективно и нередовно. Пред тениските игралишта, на пример, тревата е порасната до еден метар. Ова создава сериозна опасност за граѓаните, а особено за децата кои се движат во овој дел.

Бараме постојано одржување на зелените површини и редовно чистење, бидејќи состојбата е неприфатлива за една улица каде што се наоѓаат спортски објекти и елитен хотел. Дополнително, недостатокот на осветлување долж Кочанска река е сериозен проблем. Последен пат осветлување е поставено пред повеќе од 10 години, а оттогаш не се заменети ниту една од соларните сијалици. Со зимското сметање на времето, целата област ќе остане во мрак, со што се загрозува безбедноста на пешаците, особено на децата кои се враќаат од училиште.

 

Ние бараме: Редовно чистење и одржување на овој дел, Подобрување на уличното осветлување, Чистење на коритото на Кочанска река и редовен надзор за фрлањето отпадоци, Чистење на тротоарите и нивно одржување во безбедна состојба.

 

Замена на постоечките дотраени клупи , поставување на нови клупи и канти за ѓубре Овој апел не е политички мотивиран. Нашата група е составена од членови на различни партии, но проблемот со хигиената и безбедноста ги засега сите граѓани. Се обврзуваме неделно да ја информираме јавноста за состојбата и напредокот во решавањето на овој долгогодишен проблем. Ако не се преземат итни мерки за решавање на проблемот, ќе бидеме принудени да преземеме други активности за да го заштитиме нашето право на чиста и безбедна околина. Бараме поддршка од сите, бидејќи овој простор го користат сите жители. Ќе поддржиме секоја иницијатива за подобрување, бидејќи ова е заедничка борба за безбедна и чиста средина.

Со почит, Група загрижени граѓани.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе