Радио Кочани
Кочани

Преку паметно улично осветлување во Кочани до заштеди на енергија и побезбедни улици за граѓаните

604

Општина Кочани воспостави модерен паметен систем за управување со јавното осветлување кој придонесува за значителни заштеди на електрична енергија и побезбедни јавни простори за граѓаните. Станува збор за прв ваков систем во државата, составен од лед светилки и сензори кои овозможуваат прилагодување на интензитетот на светлина во зависност од временските услови и движењето на возилата и пешаците. Паметните уреди (сензори) се поставени во 69 контролни кутии за улично осветлување, а согласно проценките, годишните заштеди на електрична енергија од овој систем ќе изнесуваат околу 95 MWh.

 

„Со овој модерен систем веќе се постигнати заштеди од над 15 отсто. Освен тоа, со анализа на извештаите на платформата, можеме да организираме превентивно одржување, да спречиме кражба на електрична енергија, да ги предвидиме трошоците за електрична енергија и да резервираме соодветно количество енергија од операторот, со што ќе постигнеме подобра цена по kWh. Исто така, овој проект придонесува за заштита на животната средина преку подобрување на квалитетот на воздухот заради намалените емисии на стакленички гасови и јаглерод диоксид“, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

 

Општина Кочани ја спроведе оваа активност во рамки на проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“, преку кој 10 општини од Западен Балкан имплементираа иницијативи во областа на за енергетиката, транспортот и климатските промени. Овој проект е кофинансиран од Европската Унија и од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), а го имплементира Германското друштво за интернационална соработка (GIZ).

 

„Вчера во Хамбург се одржа првата министерска средба за Зелената агенда за Западен Балкан. Денеска, тука во Кочани сме сведоци како нашите заеднички заложби прераснаа во конкретна акција. Општините се двигатели на праведна и одржлива енергетска транзиција. Општина Кочани, во рамки на Пактот на градоначалници, демонстрираше одржлив ангажман. Граѓаните на Кочани имаат придобивки од овој напреден систем за јавно осветлување. Ваквиот тип паметни решенија кои ја зајакнуваат климатската отпорност имаат огромно значење за сите нас, но и за идните генерации“, рече Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија.

„Овој паметен систем за јавно осветлување е клучна пресвртница во програмата ЕУ за енергетска транзиција и иницијативата Пакт на градоначалниците, поддржана од TeamEurope. Општините играат клучна улога во транзицијата кон зелената енергија на глобално ниво. Економските и индустриските активности во голема мера се одвиваат во градовите, а како што тие се шират, така се зголемува и побарувачката за енергија. Иновативните решенија како овој систем ќе го намалат искористувањето на нашите ресурси и ќе ги ублажат климатските промени. Мораме да ја намалиме побарувачката на енергија, да ја зголемиме енергетската ефикасност и да користиме обновливи извори на енергија“, рече Бен Нупнау, заменик амбасадор на Делегацијата на ЕУ.

Проектот „ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција“ обезбедува техничка поддршка, зголемување на капацитетите, можности за вмрежување и поддршка на мали проекти во насока на развој, имплементација и мониторинг на Планот за одржлива енергија и климатска акција (SECAP). Во проектот е вклучена и општина Вевчани, која инсталираше фотоволтаичен систем на прочистителната станица за отпадни води.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio