Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
На Пониква се одржува вториот Национален камп за млади информатичари
На Пониква, на Осоговските Планини се одржува вториот Национален камп за млади информатичари, чиј организатор е Здружението „Бистри умови“ од Кочани, со поддршка од Здружението на информатичари на Македонија.
На еднонеделниот камп учествуваат 12 ученици, најдобрите информатичари од државата, со кои работат по четворица професори и студенти ментори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје. Учесниците, поделени во три тима од по четири ученици во сениорска и јуниорска конкуренција, како и еден женски тим, се подготвуваат за претстојните меѓународни олимпијади по информатика.
Летниот камп „Бистри умови“ го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој истакна дека поддршката и афирмацијата на талентираните ученици и младинци е дел од континуираните залагања на Општина Кочани. И оваа година подготовките на младите информатичари се одвиваат со финансиска поддршка од Општина Кочани.
Според претседателката на „Бистри умови“ Анита Атанасова Грчев, покрај Летниот камп по информатика, минатиот период здружението реализирало и бесплатни курсеви по математика и информатика за повеќе од 400 ученици од целата држава, а „Бистри умови“ биле дел и од организацијата на минатогодишната јуниорска Балканска олимпијада.