Радио Кочани
Кочани

Е-УСЛУГИ ВО ОПШТИНИТЕ -Граѓаните чекаат по шалтери наместо да завршат работа онлајн

297

86% од граѓаните никогаш не користеле е-услуга од својата општина, покажа истражување на УНДП за користењето на дигитални алатки од страна на граѓаните и креирање проценка на дигиталниот јаз.

Истражувањето, правено со цел да се утврдат главните предизвици за пристапноста до ИТ алатките и дигиталната писменост кај граѓаните, открива доминантен недостаток на свесност за користење на општински услуги онлајн.

 

Речиси половина (48%) од испитаниците кои никогаш не користеле е-услуги како причина за истото го навеле незнаењето дека општината нуди услуги на тој начин. 15% од анкетираните граѓани, пак, изјавиле дека им е поедноставно да отидат во општината отколку да ја завршат работата онлајн. 12%  одговориле дека не можат да се снајдат во апликацијата, додека 8% од испитаниците изјавиле дека општината не ја нуди конкретната услуга што им била потребна. 7% од граѓаните немаат доверба дека предметот ќе биде завршен доколку барањето го поднесат по електронски пат.

 

Преку е-услугите граѓаните можат по целосно или по делумно електронски пат, да завршат низа работи во својата општина во различни области, како што се комуналните услуги и урбанизмот, добивање извод од урбанистички план, потврда за катастарска парцела, аплицирање за градежна дозвола, барање субвенции за сончеви колектори, аплицирање за помош за пензионери, итн.

Програмата за развој на Обединетите Нации, која е нарачател на истражувањето, преку имплементацијата на неколку проекти ја поддржува дигитализацијата на општините во земјава.

„Дигиталната трансформација не се однесува само на технологијата, таа има значајна компонента на иновација и промена. Нашиот фокус во УНДП е на општините во Северна Македонија и предизвиците и можностите нивна дигитализација. Ова е особено навремено и релевантно, имајќи предвид дека дигитализацијата нуди подобри услуги за граѓаните преку подобрување на времето на испорака, зголемување на транспарентноста и намалување на административни пречки. Дигиталната трансформација, исто така, може да им помогне на општините да ги намалат трошоците и ризиците за корупција. Со автоматизирање на задачите, рационализирање на процесите, намалување на операциите на хартија, општините можат да заштедат пари на работна сила и на материјали, како и на трошоците за трансакција. Тие исто така можат да jа подобрат ефикасноста на операциите, да ги оптимизираат процесите и да го намалат бројот на грешки. Придобивките се неограничени… Дигиталната трансформациіа останува високо на листата на приоритети на УНДІ, како клучен предуслов за поттикнување на локалниот развој во земјата“, оценува Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП.

Еден проектите за намалување на дигиталниот јаз, поддржан од УНДП, е ЛОГЕС платформата, прв софтвер во државата за електронски услуги на локално ниво кој почна да се воведува од март 2023, а во моментов функционира во 25 општини.

„Уште во првите месеци од пуштањето на ЛОГЕС имаме еден навистина илустративен пример, а тоа е податокот дека 57 средношколци поднесоа онлајн апликации за стипендии што е две третини од вкупниот број на барања. Токму ова е најдобар показател за корисноста и функционалноста на системот, кој го воведовме преку проектот за меѓуопштинска соработка Поблиску до граѓаните – зајакнување на општинските услуги преку нови технологии“, изјави Марко Колев, градоначалник на Општина Велес.

Во истражувањето, висок процент (69%) од граѓаните што ги користеле е-услугите на општината, дале оценка дека истите ги добиле лесно и брзо, додека 11% изјавиле дека не им биле јасни насоките за користење или пак имале технички проблеми. При тоа, најчесто користени е-услуги биле оние во доменот на комуналните работи (33%), урбанизам (30%, правни и општи работи (19%, образование, спорт и култура (19%), барање за субвенции и стипендии (17%), итн.

На прашањето во која област услугите на општината треба да се дигитализираат, 7% одговориле дека дигитализицијата треба да ги опфати сите области, додека 6% се изјасниле за катастарските и имотно-правните услуги, а по 5% за плаќањето даноци и издавањето лични документи. Високи 59% од испитаниците не знаеле или одбиле да одговорат на прашањето.

Приближно половина од граѓаните (47%) одговориле и дека нивната општина има Фејсбук страница, додека само 20% од нив одговориле дека истата редовно се ажурира. 10% изјавиле дека општината одговара на барања и коментари добиени преку социјалните мрежи.

Една од целите на истражувањето е добиените податоци да се искористат за планирање на нови дигитални алатки, напоредно со соодветното информирање на граѓаните за нивната употреба.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio