Радио Кочани
Кочани

Македонски тим оформи платформа и нов канал за развој на брендовите. Никола Бојков од Кочани е извршен директор на компанијата…

1,649

Brainster има нов партнер за вработувања – успешната компанија EmbedSocial, платформа развиена од македонски тим со глобално присуство и канцеларии во Скопје, Токио и Лисабон. Нивната платформа во моментот ја користат над 250.000 корисници од целиот свет, најчесто мали бизниси, но и големи маркетинг агенции и компании и организации како Motorola, UNICEF, Vodafone, Samsonite, Boston College…

Во оваа блог објава, го имавме задоволството да си поразговараме со Никола Бојков – CEO на EmbedSocial, кој ни раскажа повеќе за приказната на компанијата и партнерството со Brainster, како и за нашите студенти што се вработија кај нив во текот на минатиот месец.

„Студентите од Brainster генерално покажаа доста големи технички познавања, кои доаѓаат најмногу од квалитетен стручен кадар, како и практична работа на реални проекти. Нивните технички познавања се директно применливи во работна средина, што претставува голема предност пред голем број на други кандидати“, ни сподели тој.

Платформата која е развиена од македонски тим со глобално присуство и канцеларии во Скопје, Токио и Лисабон креира нов канал за раст на брендовите преку зголемување на нивната репутација со користење на содржините споделени од сегашните корисници.

Дополнително, во месец јули 3-ца студенти од Brainster Академиите започнаа со работа токму во EmbedSocial.

 

Во продолжение, прочитајте повеќе што ни раскажа Никола Бојков – CEO на EmbedSocial

 

Здраво Никола, за почеток дали можеш да ни кажеш нешто повеќе за Embed Social како компанија, на што работите и што е она што ве издвојува од останатите компании на пазарот? 

Здраво! EmbedSocial е платформа за генерирање на содржини креирани од купувачите на брендовите објавени на социјалните мрежи. Со интегрирање на EmbedSocial на веб-страницата, брендовите ја зголемуваат довербата кај потенцијалните купувачи што резултира со зголемени продажби.

Најнова алатка која е наменета за мали бизниси и креатори е Feedlink, која помага за полесно креирање уникатно веб присуство со свој .link домен. Главен фокус во последниот период секако е имплементација на AI. Оваа технологија целосно го менува и поедноставува начинот на кој нашите корисници ги менаџираат своите обемни содржини.

Нашата платформа во моментот ја користат над 250.000 корисници од целиот свет, најчесто мали бизниси, но и големи маркетинг агенции. Дел од портфолиото се компании како: Motorola, UNICEF, Vodafone, Samsonite, Boston College и други. Еден од големите бенефити кои нѐ разликуваат од нашата конкуренција е посветеноста на нашите клиенти. Имаме високо ниво на проактивна корисничка поддршка, со што корисниците добиваат поголема вредност од користењето на нашите производи.

 

Од неодамна склучивме партнерство за вработување. Која ви беше мотивацијата и кои ви се очекувањата од ова партнерство?

Искрено, мотивацијата дојде одамна, кога увидовме дека на огласите се пријавуваат кандидати со исклучителни квалитети стекнати на некоја од Brainster академиите. Токму затоа и одлучивме да ја официјализираме соработката, така што за партнер добивме организација која се темели на иновации во сферата на образованието. Притоа, се создаваат услови за подготовка на студентите за пазарот на труд кои се позиционираат како вистински лидери во својата област.

Вашата посветеност кон квалитет и континуирано образование е во целосна согласност со нашата стратегија за развој на таленти. Ние очекуваме полесен и побрз пристап до висококвалификувани кандидати, со што ќе го зголемиме нашиот потенцијал за раст. Од друга страна, со поддршка на Brainster, искрено веруваме дека ќе продолжиме да развиваме и инвестираме во нашиот најважен ресурс – нашите вработени. Ова ќе ни помогне да го зголемиме нашиот тим со талентирани професионалци кои се подготвени за предизвиците на брзорастечки стартап во Македонија.

 

 

Вработивте 3-ца Brainster студенти само во месец јули. Какви квалитети и вештини забележавте кај нив, кои им помогнаа да се истакнат за време на процесот за вработување?

Процесот за вработување во EmbedSocial почнува со решавање задача, па потоа следува интервју кое зависи од квалитетот на решението.

Студентите од Brainster генерално покажаа доста големи технички познавања, кои доаѓаат најмногу од квалитетен стручен кадар, како и практична работа на реални проекти. Нивните технички познавања се директно применливи во работна средина, што претставува голема предност пред голем број на други кандидати.  Уште при работата на задачата, забележавме поголема проактивност и креативност, а посебно ни беше важно што запознавме млади луѓе со голем тимски дух. Тие покажаа желба за постојано надградување и учење на нови вештини. Најважно е што се ориентирани кон корисникот и решавање на неговите проблеми.

 

Некои од студентите почнаа како практиканти, а од овој месец се и full-time вработени. Дали можете да ни споделите на кој начин им помагате и ги поддржувате јуниор талентите кариерно да напредуваат?

Праксата во EmbedSocial ја водат искусни ментори кои (најчесто) и самите почнале како практиканти. Тоа дава доверба кај следните кандидати дека компанијата навистина се вложува во развојот на вработените. Нивниот позитивен пример е основа за дополнителна мотивација и кај практикантите дека може и многу брзо да напредуваат.

Менторите се целосно вклучени во секојдневните работни задачи, како и во постојани разговори со кои се идентификуваат областите за усовршување.

На располагање им се дополнители обуки, а воспоставивме и посебен дел од работното време наменето за развој (team growth), каде се дискутираат и имплементираат решенија кои му помагаат за цел тим.

Имаме отворена комуникација помеѓу сите вработени, во атмосфера во која секој може да го даде своето мислење, идеја или предлог и неретко имплементираме нови features кои доаѓаат и од самите практиканти.

 

 

Дали мислите дека ваков тип на партнерства помагаат во креирање на позитивен импакт на ИТ заедницата или ИТ индустријата и како?

Секако! Ваков тип на партнерства се основа на поврзување на квалитетен кадар со ИТ компаниите, а секако дека вработените се најважниот дел во успехот на било која компанија.

Понатаму, ова претставува некој вид на платформа каде што компаниите ќе влијаат на образовниот процес на начин што ќе бараат студентите да ги развиваат релевантните вештини, односно вештини кои се најбарани во индустријата.

Ова посебно се рефлектира во ИТ секторот, каде што секојдневно имаме нови технологии и од вработените се бара континуирано учење и практична примена на истите. Сето ова води кон подобро вклопување на вештините стекнати во процесот на образование во работните средини, кои во ИТ секторот се брзо променливи.

 

Дали ваков тип на партнерство би препорачале и на други компании?

Да, со задоволство 🙂 Сметам дека треба да креираме win-win култура, во која младиот кадар ќе има повеќе можности практично да го имплементира наученото. Brainster се покажа како суштински фактор во развојот на ИТ секторот во Македонија и искрено сум благодарен што придонесувате да го кренете и образованието на повисоко ниво. Партнерствата со образовни организации како Brainster може да помогнат во развојот и поддршката на целокупната ИТ заедница и да придонесат кон создавање на подобра работна средина.

 

 

 

© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе