Радио Кочани
Кочани

Во чест на Илинден – делегации положија цвеќе и оддадоа почит на жртвите за слободна Македонија

299

По повод Денот на Републиката – Илинден,  градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов со членови од Советот, делегација  од Сојузот на Здружението на борците од НОВ и партиски делегации од Кочани положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата, споменикот на Никола Карев и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.

– Со возвишени чувства, на најсветлиот македонски празник се поклонуваме пред жртвите за слободна Македонија одбележувајќи 120 години од Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ.

Илинден е најголемиот македонски празник кој ги обединува почетокот на борбата за слобода на илинденците и стремежот на асномците за слободна македонска држава.

Низ историскиот период, Македонија поминала и ја зачувала вековната желба за слобода бранејќи се од поделбите и давајќи отпор на пропагандите, обединувајќи се околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава.

Нека асномските и илинденските идеали нѐ водат кон слободна, просперитетна, успешна и напредна Македонија. Нека ни е честит Илинден – Денот на Републиката и нека ни е вечна Македонија – истакна во празничната честитка градоначалникот Папазов.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе