Радио Кочани
Кочани

Грин.орг – Да се распише референдум и граѓаните да се изјаснат дали се „за“ или „против“ изградбата на хидроцентралата.

3,241

И покрај тоа што изведувачот ги има сите потребни дозволи за изградба на мини хидроцентрала на Мала река, дозволите треба повторно да се испитаат – бараат од здружението Грин орг. Претседателката Ана Симонова посочува дека иградбата на хидро централата ќе влијае доста негативно врз животната средина, околината и граѓаните. Потенцира дека државата, вклучително и Општина Кочани треба да ги почитуваат Законите кои се донесени и да ја запрат изградбата на хидроцентралата.

„Само на стотина метри од границите на зоната за строга заштита тоа е Голема река, ама и Мала река спаѓа во заштитено подрачје. Овде не е испитан делот колку ќе се наруши тој биодиверзитет, не е земено во предвид дека овде имаме ерозивно земјиште така што ќе се намали квалитетот на водата и квантитетот, ќе се нанесе трајна штета врз природниот потенцијал и биодиверзитетот на овој дел од Осогово.“ – вели Симонова.

Ако на Мала река се изгради мини хидроцентрала во тој случај ќе се намали водата во акумулацијата Брана – Градче, а истовремено ќе се намали и квалитетот на водата која се користи за наводнување на земјоделски површини децидна е Симонова. Додава дека повторно како здружение ќе се поднесе барање до Општина Кочани да се распише референдум и граѓани да се изјаснат дали се „за“ или „против“ изградбата на хидроцентралата.

Од Општина Кочани одбија да коментираат, бидејќи надлежноста не била во нивни раце.

 

Д.Михајлов

 

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе