Радио Кочани
Кочани

ДУНСТЕРКАТА Е РОДЕНА!!!…..( бајка за големи деца)

226

Како и секоја бајка и оваа започнува со:

Си била еднаш една, (не) толку млада мечтателка. Мечтаела да биде славна. Сакала да биде толку многу славна ведета, за да може да добие ѕвезда. Таква ѕвезда, како на булеварот на славните во Лос Анџелес. Па, да прошета на црвениот килим, а нејзините подржувачи, приврзаници, следбеници и климоглавци, да ја поздрават со силни и долготрајни овации.

Ех, каква мечта!!!

Себе си се прикажувала како сезнајка, на која и нема рамна. Иако, сиротката, во ништо, ама баш во ништо (во што се пробала), не била добра. Немала со што да се пофали, не поседувала никаков квалитет, ниту талент, ниту пак успех со што ќе се чалами, ама, затоа, си имала голема мечта. Си ветила себе си, за нејзиното сезнајство, ако треба, таа лично ќе воведе нова категорија за добивање ѕвезда.

Оф, каква самовљубеност!!!

И еден убав ден и светнала сијаличката. Исто, како што навечер светнуваат празните тикви во ноќта на вештерките, кои ги има во сцени од холивудските филмови. Се сетила, дека некогаш и негде слушнала нешто многу важно: ,, Со моќ во раце, ќе бидеш се што ќе посакаш”. А каде е моќта, ако не во центарот за делење моќ. Со моќ во раце, ееееј, се е можно. Дури и од неа, таква сезнајка, моќта, може да направи ѕвезда. И така просветлена, ја почнала својата животна мисија. Тргнала на пат до славата, натоварена со своето таканаречено сезнајство. Молење, творење, четвороношко предење и ползење. Ма, нема што не можела да употреби, за мечтата да и стане реалност.

Што ти е силна желба. Гооолем мерак.

За нејзина среќа, ,,центарот за моќ”, брзо, брзо, ги препознал напорите на мечтателката. За идните придобивки од нејзиното сезнајство, ,,центарот за моќ”, ја дарувал со ,,моќно столче”.

Машала!!! Бравоссссс!!!
Склопени коцки на тацна на ,,изволте”.

И така таа, орно, си ја практикувала нејзината професија- сезнајството. Радост голема. Веќе се чувствувала како блескава ѕвезда.
Арно ама, за белја, нешто не тргнало како што таа посакувала. Секој нареден ден била ,,много изненаѓена”, затоа што нејзиното сезнајство не било сериозно разбрано, ниту достојно забележано. Не биле есапени нејзините голееемииии напори и успеси. А уште повеќе била ,,много увреѓена”, затоа што биле забележувани туѓите (за неа никакви) успеси. Па, станала јако нервозна. Ама, се тешела себе си. Тие успеси не се, ниту на моќни, ниту на сезнајковци како неа.

Ух, колку силна утеха!!!

И, тогаш, пак, силно и светнала сијаличката во празната тиква.

Време е за превентивни мерки. Оние, добро познатите, примитивните мерки. Таква сезнајка како неа, мора да си го расчисти патот до славата на свој цивилизиран и урбанизиран начин. Со фрлање дрвја и камења. И пред нив. И по нив. И зад нив. Ма, никој и ништо не смее да и го попречи патот до славата.

Каква моќна демонстрација на сезнајство. Каков моќен примитивизам!


Бре мајката, ниту Шоиќ од ,,Бела лаѓа” не и е до колена.

И би чудо. За кратко време, по посветеното чистење на патот до славата и преземените мерки, нејзината мечта се остварила. Станала познат лик. Лик за кој се зборува. Но, не по знаење и умеење, туку по дунстерското користење на ,,моќното столче”. Станала позната дунстерска ѕвезда. Речиси и да немало некој што не чул за дунстерката и нејзиното сезнајство. Надалеку се слушнало за новата ѕвезда.
Ѕвездата, по професија – сезнајка, а по вокација – дунстерка – е родена.
ДУНСТЕРКАТА Е РОДЕНАААА!!!

Каква среќааа, мале, мале, малееееее!!!

И недостига само дунстерска ѕвезда на тротоар и церемонија за откривање. Исто како на булеварот во Л.А. И така да биде овековечен нејзиниот успех.
И, тоа, во нова категорија. Ѕвезда за дунстери.
Еден ден и тоа ќе биде. Не губела надеж.

А бајка, без среќен крај нема. Така и оваа.

По некое време……
Почнува подготовката на нова културна манифестација, за свечено откривање на првата дунстерска ѕвезда. Насекаде реклами за атракцијата, која нуди и газење по ѕвездата. Голема е надежта дека ќе привлекува туристи. Еј, и тоа тука, кај нас, на наш тротоар, на наш терен. Сите, имаат желба да помогнат, за тротоарот да стане популарна туристичка дестинација. Попривлечен и од булеварот на славните во Л.А.
Охо, хо, каков ли спектакл ќе приреди сезнајката- дунстерка, кога ќе се открие нејзината ѕвезда на дунсерскиот тротоар?
Дојдете и ќе видите.

Happy end

п.с. Оваа бајка е вистинска слика за извртени вредности. Посветена е на тивките интелектуалци – професионалци, на чии достоинства секој ден газат гласните сезнајковци -дунстери. На сите умни глави, кои се далеку помоќни од оние ,,умни глави” со подарени ,,моќни столчиња”. Идејата за газењето по тротоарот со ѕвезди на дунстери е само мал поттик. Годината што доаѓа, оваа замисла, лесно да стане реалност. Не треба многу. Славна дунстерка, урбан графит испишан со ефтин спреј и црвено платно за откривање на ѕвездата. И, секако, имајте на себе удобни обувки за газење. Не заборавајте го фото – апаратот. Па, со Вашите успешни фотографии од церемонијата, наполнете ги социјалните мрежи и порталите. Вашите успешни фотки нека го обиколат светот. И, ете Ви можност за нови доживувања во изведба на сезнајката – дунстерка. Оти, така пак ќе сте и трн во око.
СРЕЌНА ВИ НОВА ГОДИНА!!!

( дунстер – незнајко, некој што работи нешто што не умее)

м-р Габриела Стефановска,
обичен културен работник

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе