Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Признанија за оние што беа на првата линија во трагедијата во „Пулс“
Регионалниот актив на новинари при ЗНМ – Исток додели постхумно признание на Иле Гоцевски, возач во кочанската Служба за итна медицинска помош, како и признанија на институции и организации кои со својата пожртвуваност и хуманост дадоа огромен придонес во справувањето со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Постхумното признание му беше доделено на Иле Гоцевски, кој кобната ноќ неуморно превезуваше повредени млади луѓе до здравствените установи во Скопје. По повеќечасовната борба за спасување човечки животи, неговото срце не го издржа огромниот физички и психички напор и тој почина.

Признание доби и граѓанската иницијатива „Support – Кочани“, која беше формирана веднаш по трагедијата и организираше собирање донации и хуманитарна помош за повредените и семејствата на загинатите.

За брзата организација, професионалниот пристап и несебичната грижа за повредените, признанија добија и Општата болница – Кочани и Клиничката болница – Штип.

Признание беше доделено и на Општинската организација на Црвениот крст – Кочани, за исклучителната организација, пожртвуваноста на вработените и волонтерите, како и за нивниот значаен придонес во обезбедувањето помош за настраданите и нивните семејства во најтешките часови по трагедијата.

Со овие признанија, Регионалниот актив на новинари при ЗНМ – Исток им оддаде заслужена почит и благодарност на луѓето и институциите кои со својата хуманост, професионалност и несебичност беа светла точка во еден од најтрагичните настани во поновата историја на Кочани.


Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.
