Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Основниот суд Кочани донесе Решение со кое ја запира постапката против осуммина млади кочанчани, по приватната кривична тужба на синот на газдата на Пулс, Дејан Јованов Деко, Михаил Јованов, за демолирањето на Класик кафе од 17 март 2025.
„Постапувајќи по поднесокот доставен до Основен суд Кочани од страна на приватниот тужител ДПТУ „БИТ ТИМ“ ДООЕЛ Кочани, со управител Михаил Јованов од Кочани преку неговиот полномошник Адв. Ивана Коцевска од Скопје, а согласно чл.62 ст.2 од ЗКП според кој „Доколку оштетениот се откаже од предлогот, односно приватната тужба до започнување на главната расправа судот донесува решение за запирање на постапката, а доколку се откаже од започнување до завршување на главната расправа судот донесува одбивателна пресуда (чл.402 ст.(3))“, па имајќи го во предвид погоренаведеното следуваше судот да одлучи како во диспозитивот на решението, а согласно чл.62 ст.2 в.в. ст.1 од ЗКП.“ – стои во Решението на Основниот суд Кочани.

Фирмата БИТ ТИМ на Михаил Јованов бараше нешто помалку од 25 илјади евра оштета за искршените излози и инвентар на вториот нивни локал, кафе барот Класик во Градскиот трговски центар во Кочани.
Демолирањето се случи на 17-ти март, ден по ужасната трагедија во дискотеката Пулс, во која загинаа 63 лица, а 211 беа повредени. Тогаш протестот кој започна мирно за миг излезе од контрола, па гневната маса, претежно млади луѓе, роднини и другари на загинати и повредени, ги искршија излозите и дел од инвентарот како столици, маси, телевизори и украсни растенија во внатрешноста на кафе барот во сопственост на газдите на дискотеката Пулс.
Поддршка за обвинетите на двата обиди за мирење имаше од дел од родителите на загинатите од дискотеката Пулс, кои истакнаа дека не го поддржуваат насилството, но дека ја разбираат болката и тагата која во тој момент ја чувствувале младите обвинети.
Извор: Радио мрежа канал 77
