Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани денеска ќе се одржи промоција на новата збирка поезија „Отуѓеност“ од штипскиот автор Методи Бојаџиски. Промотор ќебиде драматургот Трајче Кацаров.
„Отуѓеност“ е современа поетска збирка која ги обработува темите на емоционалната дистанца, оддалеченоста меѓу луѓето и личните преиспитувања во динамиката на современото живеење. Преку интимен и рефлексивен израз, авторот ја доловува состојбата на човекот во време на брзи општествени промени.
Методи Бојаџиски е роден 1974 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерските студии ги завршил на American Public University во САД, од областа на меѓународна политика и меѓународни конфликти. „Отуѓеност“ е негова втора стихозбирка, по првото дело „Испланиран немир“, објавено во списанието „Современост“ во 2023 година.
Промоцијата, во просториите на кочанската Библиотека „Искра“, започнува во 17 часот.
