Радио Кочани
Кочани

За наградата „Пегаз“ ќе се натпреваруваат 56 ракописи

55

На шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2024 година, пристигнаа 56 ракописи. Конкурсот, кој е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, беше отворен до 1 јули 2024 година.

Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, сочинета од двајца еминентни претставници од културната сфера и претставник од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.

На минатогодишното издание на „Пегаз“ пристигнаа 36 ракописи, а за победнички беше избран романот „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова, на која ѝ беше врачена наградата на посебна промотивна свеченост.
„Пегаз“ е производ на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.

Покрај ланскиот победник „Риба во(н) мрежа“, досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021) и „Зелениот дворец“ од Сибо (2022). Книгите се дел од едицијата „Пегаз“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе