Радио Кочани
Кочани

Афористичка репрезентација на Македонија – Отворено писмо до министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска

266

Раката што дава не се суши – вели една народна мудрост. Спротивно, онаа што не дава … Маж сум па не ми личи да колнам а да пцујам не е културно а особено не е културно да се пцуе министерката за култура.

И така, ми останува единствено да стискам заби и  …

Госпоѓо министерке, на факултетот полагав 32 испита и ниту по еден немав толку обемен материјал колку што Ви спакував во проектот АФКО 2024! Уште од дедо ми гаќите не побаравте да ги прикачам со пријавата за наведениот проект. А зошто Ви требаа толку документи и податоци? За да можете своерачно да го чкртнете нашиот проект во списокот со одобрени проекти за финансирање од министерството на чие чело  с е д и т е, добиен од комисијата која ги разгледувала пријавените проекти!

Без да знаете за каков проект се работи, без да Ви е грижа за неговите 11 (и со зборови: единаесет!) досегашни изданија, без да се прашате зошто во минатото бил подржуван од ова министерство … Како инаку да се објасни ситуацијата дека оваа манифестација за своето 11-то издание добила и некој денар повеќе од она што сме побарале со пријавата а за 12-тото издание да не добие ни денар?!

Се фалите дека резултатите од конкурсите и составите на комисиите кои одлучувале за проектите се јавно публикувани а се жалите дека во иднина никој нема да се нафати да биде член на овие комисии, поради негативните реакции во јавноста. Точно е дека во иднина никој нема да се нафати да биде член на овие комисии но не од причината што Вие ја наведувате, туку затоа што министерката „прави касапница“ од резултатите добиени од комисиите! Ова е информација добиена од министерството на чие чело сте, со пријателски совет „да си фаќате на време врски со министерката, по партиска линија, ако сакате да добиете пари“!

Зошто објавувате конкурси госпоѓо министерке, зошто не’ малтретирате со праќање купишта материјали и пишување романи во пријавите, зошто формирате комисии, зошто објавувате резултати? Наместо тоа, работата може сосема да се поедностави: да се јавиме во партискиот штаб, да бакнеме рака и – готово. Пуј! Срам да Ви е. Срам и арам!

Не знам колку Вам Ви е јасно ама ние добро знаеме дека не бркате во сопствениот џеб кога делите пари за проекти, туку делите наши, народни пари. За разлика од Вас, ние „будалите“ од ЗГ Афористичка репрезентација на Македонија, ќе си бркнеме длабоко во сопствените џебови ама нема да дозволиме оваа традиционална манифестација да згасне.

АФКО 2024 (Дванаесетта вечер на македонскиот афоризам) ќе се одржи! А Вашата рака, во конотација од почетокот на ова писмо, ќе биде споменувана многу пати и од многумина.

Ви посакуваме пријатно министерување.

Јане Атанасов,

Председател на ЗГ Афористичка    репрезентациа на Македонија

– организатор на манифестацијата АФКО 2024

© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе