Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во ЈОУ Библиотека ,,Искра” промовирана книгата ,,Проект на Андреј Стојанов по зоологија и анатомија”
„Проект на Андреј Стојанов, по зоологија и анатомија“ е насловот на книгата што беше промовирана денеска во просториите на ЈОУБ „Искра“. Автор е Андреј Стојанов од Кочани кој што на делото му посвети две години од својот живот, период за кој што ја напиша книгата. Станува збор за книга која што е општо запознавање на медицината и зоологијата и истата претставува негово видување на двете теми, а исто така и сублимат на неговите познавања од таа област. Промотор на настанот беше Тоше Крстев, а модератор Тања Велкова.
-Книгата претставува поимник, каде тој како што ги доживува така и ги претставува. Посебен интерес што се јавувам како промотор, е тоа што тој појави љубов кон медицината. Јас пред извесен период работев со него и во текот на самата работа кај него се појавија се повеќе прашања и повеќе појави интерес кај медицинските науки, истакна Тоше Крстев, промотор на книгата.
Авторот Андреј Стојанов е роден 1994 година во Кочани. При раѓањето се разболува од менингит, а тоа остава голема траума врз неговиот организам и на целокупното негово здравје. Поради здравствената состојба во која се наоѓал Стојанов останува без основно и средно образование. Со основната писменост и молитвено, првославно-христијанската духовност се стекнува од поуките на неговите мајка и баба.
Инспирацијата да ја напише книгата ја добива од д-р Молдашев, хирург во Русија бидејќи токму тој доктор преку оперативен зафат со вбризгување на матични клетки од крава успева да го врати видот на слеп човек. Токму тој несекојдневен зафат го мотивира Стојанов да ги спои зоологијата и анатомијата и да ги поврзе во една книга. Од неговата мајка Наташа Стојанова, тој ја има целосната материјална и духовна поддршка.
Стојанов поддршката за промоција на книгата ја доби и од директорката на библиотеката Кристина Горгиевска Атанасова, како и од сите негови пријатели и роднини кои беа присутни на настанот.