Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Кочани, ноќеска не спиеше во 02:32 часот, пред некогашната дискотека „Пулс“, со минута молк и тивка почит беше одбележан моментот што засекогаш го промени Кочани – трагедијата од 16 март 2025 година.
Семејствата на починатите, нивните најблиски, како и голем број граѓани, се собраа на местото на настанот и со палење свеќи, положување цвеќе и тишина им оддадоа почит на жртвите.
Одбележувањето се одржа под мотото „Светлина што останува“.

Активностите продолжија и утринава во Паркот на Револуцијата, каде беа поставени „63 бели столчиња – 63 животи“, како потсетник на секој изгубен живот.

Денеска присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Мицкоски, митрополитот Иларион, како и претседателите на политичките пратии СДСМ и Левица, Венко Филипче и Димитар Апасиев
Одбележувањето продолжи и во Центарот за култура, каде се одржа комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ при што за секој од починатите, се читаше нивна биографија.

Програмата завршува со меморијалот „Недовршени соништа – Секое име и нечиј свет“.
Настаните започнаа во саботата, а беа организирани од Општина Кочани, Здружението „16 март 2025 Кочани“, Црвениот крст, Црковниот храм „Св. Вмч. Георгиј“ и други институции.
Една година подоцна, тишината во Кочани сè уште зборува гласно – за загубата, за сеќавањето и за светлината што останува да сведочи дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени.

