Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Двата изложбени салони на ЦК “Бели мугри” синоќа беа преполни со посетители на чинот на отворањето на хуманитарната донаторска групна ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“, организирана во чест и за спомен на Сара Јорданова, средношколка, една од 63 – те жртви во трагедијата што се случи минатата година, на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Повеќето од изложените над 130 дела на сликари од Македонија и странство се продадени. Средствата, семејството Јорданови ги намени за деца без родители. Поставката од слики работени во различни техники во двата изложбени салони на националната установа од Кочани останува до 6 март. Дотогаш, изложбата ќе биде отворена за посетители, а непродадените дела ќе можат да се купат.

Пред присутните, на почетокот од овој настан полн со емоции, обраќања имаа другарки на Сара и членовите на семејството Јорданови.

-Уметноста зборува кога зборовите замолкнуваат, е пораката што се испраќа од оваа хуманитарнаи донаторска изложба, порача в.д. директорката на ЦК „Бели мугри“, Габриела Стефановска.

Делата на Сара и нејзината мајка, кои беа дел од синоќашната изложба, не се продаваа како оригинали, со секоја донација посетителите добиваа нивна печатена репродукција. Настап имаа и членовите на рок-групата „Корка“ Сара беше дел од почетоците на овој бенд, свиреше на тапани.

Каталогот со изложените дела е биде достапен на веб-страницата www.traga-vo-beskonecnosta.com.

Хуманите граѓани и понатаму можат да донираат преку уплата на жиро-сметката 270-7000471243-92 во Халк Банка, со назнака: Донација за хуманитарна изложба „Трага во бесконечноста“.
