Радио Кочани
Кочани

Доделени наградите за најдобрите детски цртежи од ликовниот конкурс на Фондација Рудник САСА

297

Во пријатна и топла атмосфера, во Македонска Каменица се одржа завршниот настан и свеченото доделување на наградите за најдобрите 12 детски цртежи од годинашниот ликовен конкурс „Рудникот и градот – низ времето и имагинацијата“, штого реализираше Фондација Рудник САСА.

На конкурсот годинава се пријавија 90 деца на возраст од 5 до 15 години, жители на општина Македонска Каменица, како и деца на вработените во САСА. За првпат, наместо цртежите да се изработуваат индивидуално, децата твореа во рамки на организирани креативни ликовни работилници, под менторство на локален ликовен уметник – педагог. Овој нов пристап им овозможи полесно да ја изразат својата имагинација, да се инспирираат едни од други и да ја прикажат својата визија за рудникот, градот и заедницата.

Независна комисија составена од надворешни експерти ги избра најдобрите 12 цртежи, кои најсилно ја отсликуваат поврзаноста меѓу рудникот, природата и секојдневниот живот на жителите. Авторите на избраните дела добија парични награди, а сите учесници беа наградени со благодарници и сетови за цртање и сликање, како охрабрување да продолжат да го развиваат својот талент и љубовта кон уметноста.

Најуспешните цртежи ќе бидат објавени во официјалниот календар на Рудник САСА за 2026 година, како и во други изданија посветени на младите таленти и локалната заедница.

Од Рудник САСА истакнуваат дека конкурсот, кој се организира по четврти пат, претставува значајна иницијатива за поддршка на детската креативност и за зајакнување на врските помеѓу рудникот и Македонска Каменица. Фондацијата најавува дека и понатаму ќе продолжи да инвестира во активности кои го поттикнуваат талентот, учењето и заедништвото меѓу најмладите.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio