Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
НАДВОР ОД ДРЖАВАТА СЕ ЛЕКУВААТ 80 ПАЦИЕНТИ ПОВРЕДЕНИ ВО КОЧАНИ – пристигнале и странски тимови
Низ болниците во странство се лекуваат уште 80 пациенти повредени во страшниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани. Ова го потврдија денеска од Министерството за здравство од каде исто така информира дека еден пациент од повредените лица од пожарот во Кочани, кој беше хоспитализиран во медицински центар во Австрија, денеска се враќа во државава.
Тој согласно протоколите, ќе биде задржан под 24-часовен надзор, по што ќе биде пуштен на домашно лекување, ако сите испитувања се во ред.
Во нашата држава веќе се пристигнати и странски тимови кои ќе им помагаат на домшаните експерти во процесот на рехабилитација на пациентите.
– Со тоа, во странските медицински центри се третираат 80 пациенти, од кои двајца се третираат амбулантски, а нема промена во нивната состојба во однос на минатите денови. Инаку, во изминатото деноноќие на Клиниката за пластична хирургија е примен пациент кој е вратен од Грција и по неопходните испитувања, ќе биде пуштен на домашно лекување. Во моментов на оваа клиника се хоспитализирани тројца пациенти – појаснуваат од Министерството.
Изминатото деноноќие немало згрижени пациенти на Клиниката за токсикологија. Како што информираат, во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани тројца пациенти, а во „Свети Наум Охридски“ остануваат шестмина кои се хоспитализирани на одделение. На Клиниката за пулмологија се хоспитализирани двајца пациенти, додека во приватните установи останува непроменета состојбата со бројот на хоспитализирани пациенти.
– Пристигнати се и тимови од странство со големо искуство во областа на рехабилитација на пациенти со изгореници кои во моментов прават евалуација на просторните услови, апаратурата во неколку центри за рехабилитација на пациенти со изгореници.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветено на обезбедување најдобра можна нега за секој еден од пациент од повредените од несреќата во Кочани – се нагласува во денешното соопштение.
Воедно две држави понудиле да пружат „посериозна и подолготрајна“ терапија за пациенти од пожарот во Кочани, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Арбен Таравари.
– Два центри каде што работиме да биде рехабилитацијата на пациентите се: едниот Ковид-центар во ГОБ „8 Септември“ и вториот ќе биде Институтот за рехабилитација и физикална медицина во Козле. Тие ќе бидат два главни центри. Да се надеваме што помалку пациенти ќе има што ќе им треба подолготрајна рехабилитација. На тие на кои ќе им треба и посериозна и подолготрајна, веќе имаме понуди од две држави – информираше Таравари.
Доколку има многу тешки случаи, како што посочи министерот, „една од можностите е да ги испратиме во странски држави без да плати Фондот или Министерството за здравство“.