Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Денес, 14 февруари, селото Кучичино беше центар на случувањата, по повод традиционалното одбележување на празникот Свети Трифун.
На сред село, свештено лице од Македонската Православна Црква (МПЦ) изврши закројување на лозјето, кое се смета за симболичен чин што ја означува подготовката на лозјата за новата винска сезона.
Во рамки на овој чин, свештеникот ги благослови производителите на вино и ракија, посакувајќи им успешно и плодно 2025 Лето Господово.
Жителите на Кучичино за Радио Кочани го споделија своето искуство за овој важен и значаен настан, кој се одржува секоја година и е дел од старите традиции на македонскиот народ.
Како што истакнаа, Свети Трифун претставува ден кога не само што се оддава почит на заштитникот на лозарите, туку и се потврдува важноста на лозарството.
На манифестацијата присуствуваа голем број гости од регионот, но и пошироко, кои беа воодушевени од атмосферата и традицијата.
Својата магија и празничен дух ја донесе и македонската естрадна ѕвезда Стојне Николова, која со своите изведби на македонски песни создаде незаборавна атмосфера и направи забавата уште поубава.
И оваа година, на манифестацијата беше упатена важна порака до сите верници да се вклучат во донаторската кампања за доизградба на храмот посветен на Свети Трифун, кој треба да биде духовен центар за верниците од селото и околината.
Овој традиционален настан и оваа заедничка прослава се потсетник на значењето на заедништвото, духовноста и зачувувањето на старите обичаи, кои продолжуваат да живеат во срцата на луѓето во Кучичино и низ Македонија.
Во продолжение ви пренесуваме дел од атмосферата.