Радио Кочани
Кочани

Комуналното јавно претпријатие го депонира отпадот на Градската депонија – градоначалникот Папазов и надлежните повикуваат штрајкувачите да дозволат „Водовод“ нормално да си ја врши работата

372

Денеска на Градската депонија во Кочани увид на активностите за транспорт, депонирање и компресирање на отпадот направи градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов со претставниците од Локалната самоуправа кои учествуваа интензивно во средувањето на  состојбата на депонијата и со претставниците и директорката на Комуналното јавно претпријатие кои викендов направија максимални напори за да го соберат заостанатиот отпад во градот.

– Можеме да констатираме дека се исполнети сите услови кои беа поставени од луѓето што протестираат, можете да видите дека депонијата не чади и може да се забележи дека има стражарска служба. Се поставува видеонадзор, а се обезбедени и доволно количини земја за третирање на отпадот. Сметам дека рокот од 48 часа, којшто трае до 20 часот, денес на 3 ноември, е недоволен за „Водовод“ да ја заврши целосно работата. Заостанати се повеќе количини отпад во домовите, а од она што беше во контејнерите и на терен е собрано скоро сѐ. Мојот апел до штрајкувачите е да дозволат КЈП „Водовод“ да си ја врши својата работа – повика градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов.

– Во петокот кога КЈП доби дозвола за транспорт на отпадот, веќе имавме во Стопански двор возила со ѓубре од минатата недела, полни пет камиони и два трактора кои го однесоа отпадот и веднаш продолжија со собирање на сметот од контејнерите во централното градско подрачје. Од петокот до денес се депонирани околу 700 метри кубни смет, односно се направени околу 45 тури или дневно се депонирани околу 250 метри кубни. Досега е собран сосема мал дел од ѓубрето во домовите, така што за да се вратат во нормала и домаќинствата ќе ни треба повеќе време. Возилата за транспорт на отпадот се навраќаат повторно за да ги празнат контејнерите, затоа што отпадот континуирано се создава – изјави Кристина Финдачка, директорка на КЈП „Водовод“.

По петочната средба на претставници на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување и на Локалниот совет за превенција со штрајкувачите, Општина Кочани и КЈП „Водовод“ постапуваат по донесените заклучоци, со што е стопиран транспортот на отпадот од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Надлежните очекуваат граѓаните што го блокираат патот кај селото Бели да го имаат предвид значењето на механизацијата на „Бехтел и Енка“ за натамошното функционирање на депонијата и дека нема да дозволат блокадата повторно да го затрупа градот со отпад.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе