Радио Кочани
Кочани

На денешен ден е роден Канго…рок музичар, гитарист, поет… вљубеник во се што е македонско

2,088

Симеон Иванов –  нашироко познат само како Канго е македонски рок – музичар и гитарист, поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“, кое ја промовира македонската нација, култура, јазик, а особено античко-македонското наследство на денешниот македонски народ. Канго беше познат по својот  стил на свирење и изглед на легендарниот гитарист Џими Хендрикс.

Симеон Иванов – Канго е роден во Кочани на 2 ноември 1951 година. Овде го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Тој беше оженет со Љубица и е татко на три ќерки. Почина по тешко боледување на 26 март 2018 година.

 

Канго почнал да се занимава со рок-музиката во раната младост, а во 2005 година го прославил 40-годишниот јубилеј со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго бил гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговата истоимена група, која работела во формацијата: гитара/вокал, бас гитара и тапани. Исто така, над 20 години, Канго бил сопственик на училиште за рок-музика каде го предавал своето искуство на помладите генерации.

Има издадено седум музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995) – албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998) – компилација на најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера, и „Откровение“ (2007). Покрај многуте концерти во Македонија, Канго настапил на Заечарската гитаријада во 1994 и 2001 година, а има одржано концерти во Нови Сад и во Белград (2004), како и во Виена (2004).

 

Канго е автор на четири збирки поезија:

„Воскреснување“ (1988),
„Вознесување“ (1989),
„Вдахновение“ (1990),
Поемата „Распетие“ (1997).

 

Со своето движење „Мактеон“, Канго организираше повеќе македонски космополитски средби, како и чествувања по повод раѓањето на Александар Македонски на наоѓалиштето Горно Гратче, на планината Осогово, во близината на Кочани.

Податоците во текстот се преземени од биграфијата на Канго.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio