Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
По повод празникот на градот Кочани – Петровден, Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ од Кочани и оваа година го организира традиционалниот Петровденски планинарски марш, што ќе се одржи на 12 јули.
Станува збор за 19-то издание на планинарската тура при што секоја година собира планинари, рекреативци и љубители на природата од земјата и странство.
Годинава маршот ќе се реализира на релација Пониква – Раткова Скала.
Стартот е предвиден во 7:00 часот од местото Аеродром на Пониква, кој се наоѓа на околу 20 километри од Кочани и до кој се пристигнува по асфалтен пат за околу 30 минути.
Патеката е долга околу шест километри во еден правец, а пешачењето трае приближно три часа.

Организаторите информираат дека трасата е целосно маркирана, со обележани места со питка вода, а поради средно лесната тежина е погодна за сите љубители на планината.
Крајната дестинација, Раткова Скала, претставува еден од највпечатливите природни локалитети на Осоговските Планини.
Со своите стрмни карпести форми и пештери, локацијата нуди уникатни пејсажи и панорамски поглед кон Кочанската Котлина.
Според локалната легенда, името на Раткова Скала потекнува од човек по име Ратко, кој често се качувал во пештерите за да собира мед од дивите пчели. Легендата раскажува дека поради својата љубов кон медот, еден ден паднал во провалијата под карпата, по што локалитетот го добил неговото име.
За сите учесници ПСК „Осогово“ ќе обезбеди традиционален планинарски ручек – планинарско гравче во манастирската трпезарија.
Организаторите апелираат секој учесник да понесе сопствен прибор за јадење.
Поаѓањето од Паркот на Релолуцијата во Кочани е закажано за 6:30 часот.
Пријавувањето е отворено до 10 јули, со цел навремено организирање на настанот и обезбедување ручек и благодарници за учесниците, клубовите, како и за најмладите и највозрасните планинари.
Од клубот потсетуваат дека секој учесник самостојно одговара за својата здравствена и психофизичка состојба и треба да обезбеди соодветна опрема согласно временските услови.

