Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Попладнево пристигна првиот пациент кој се лекуваше во странство.
Станува збор за Дарко Стојанов и тој во моментов е во добра здравствена состојба.
Стојанов го пречекаа министерот за здравство, Арбен Таравари и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Од вкупно 115 пациенти коишто се лекуваат надвор од државата, денеска се врати првиот пациент од Белград конкретно. Пациентот ќе биде на Клиниката за токсикологија, а потоа докторите тука и конзилиумот на лекари ќе одлучат како понатаму, дали треба да се испрати во друга клиника, дали треба да продолжи со лекување или може да се пушти во домашни услови. Следните денови очекуваме и други пациенти да ни се враќаат и посакувам сите 115 живи и здрави да ни се вратат во Македонија и да продолжат да живеат нормално, истакна Таравари.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, посочи дека пациентот што се врати од Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба и извесен период од неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Клиниката.
Во моментот се прават некои клинички иследувања, тој е прегледан, во сосема добра состојба е, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме да си оди дома кај семејството, посочи Чибишев.