Радио Кочани
Кочани

Во МКЦ на 10 октомври – Промоција на збирката монодрами „Да се убие себе во себе“ од Доне Донев

1,067

На 10 октомври, вторник, во Мулти културниот центар во Кочани со почеток во 18 часот ќе биде промовирана последната книга на Доне Донев насловена „Да се убие себе во себе“,  која, всушност, е збирка на монодрами за Ацо Караманов, Гемиџиите, за Мисирков, цар Самоил и Ченто.

Доне Донев е просветен работник, поет, публицист, автор на драмски текстови, актер, режисер кој оставил неизбришливи траги за Кочани, градот во кој живее доденеска. Завршил Филолошки факултет (1981). Магистер е по Културологија во книжевноста.

Автор е на драмата Земјата на зографите (прикажана на РАДС 1982 за која е добиена награда за колекективна игра), на стихозбирката Босилек (издание на „ Студентски збор “ -1987) како и на пет монодрами. Монодрамите Јас сакам да станам поет (за Ацо Караманов – 1979. Со оваа монодрама гостувал речиси низ сите бивши ЈУ простори на Филолошки-Филозофски факултети), Гемиџијата (за Милан Арсов – гемиџија од Велес – 1990), Меѓникот (за К. П. Мисирков, 1996)„Цар Самоил“ – 2001 и „Да се убие себе во себе“ (за првиот претседател на Република Македонија). Самиот ги игра(л) и режира(л) и се одиграни над 400 пати пред повеќе од 40 000 гледачи. Автор е на книгата ,,Погреб со смеење, 101 не(згода) на кочански начин.

Последната Ченто” (како поднаслов „ Да се убие себе во себе “ – 2012) е  инспирирана од ликот на еден од најголемите синови на Македонија, првиот претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто.

Гостувал во Германија, Австралија, Канада и Америка, како и пред нашите сонародници во западноевропските земји. Со неговите монодрами гостувал речиси низ сите училишта во Македонија, како и во работни организации, рудници и фабрики.

МРТВ  (2002 год.) за него снимила документарен филм со наслов Четвртиот”.

Учествувал на 13 научни симпозиуми  од областа на литературата (претежно пишувајќи за дела што се обработуваат во средните училишта), пишува(л) и зборува(л) за ликовни  уметници – на отворање на нивни изложби (единаесет трудови), исто така пишува(л) рецензии за над дваесетина збирки поезија или поточно 26, а меѓувремено објавувајќи творби низ литературната периодика.

За претставата ,,Да се убие себе во себе“ (за првиот претседател на Македонија Методија Андонов Ченто) добитник е на Наградата од публиката на Осумнаесеттото издание на интернациналниот фестивал (учесници од Албанија, Грција, Франција и Македонија) Актерот на Европа 2020 година. Носител е на две главни улоги во телевизиските драми на МРТВ Милан Арсов – гемиџијата (во серијата Тврдокорни“ – види на youtube) и „Судени за ВМРО.

За неговото творештво позитивни критики пишувале познати критичари од областа на театарската критика во вениците „Млад Борец“, „Студентски збор“, „Македонско сонце“, „Вечерње новости“, Вечер“, „Нова Македонија“, „Актуелности“, „Хороскоп“ „Дневник“, „Утрински весник“, „Битолски весник“….

Збирката монодрами ,,Да се убие себе во себе е негово последно дело.

Учесници на промоцијата на ова дело што е закажана за 10 октомври во МКЦ во Кочани ќе бидат проф. д-р. Марија Соколова, м-р Љубинка Ајтовска и проф. Александар Димитров. Водител ќе биде м-р Љупка Стојменова.

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio