Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
За првата екипа на македонскиот прволигаш „Осогово“ заиграл со неполни 18 години.
Во тимот е вклучен на почетокот на пролетниот дел од првенството во сезоната 1970/71 година. По завршената есенска полусезона „Осогово” бил претпоследен на табелата.
Дебитирал на 14 март 1971 година на натпреварот на кој „Осогово“ го победило „Овче Поле“ со резултат 2:0. Во таа полусезона многу работи за „Осогово“ тргнале на подобро.
На домашен терен нашите ги победиле првопласираното „Куманово“ и второпласираниот битолски „Пелистер“. На крај на сезоната „Осогово“ завршува на 10 место од 16 екипи.
Првиот гол за „Осогово“ Мантов го постигнал на првиот натпревар во сезоната 1971/72 година на тешкото гостувањето против „Борец“ во Велес. Мечот завршил со резултат 2:2. За својот тим Мантов одиграл повеќе од 60 прволигашки натпревари во три прволигашки сезони.
На кобниот 1 јули 1973 година на последниот натпревар од сезоната, на домашен терен, против скопски „11 Октомври“ во десетата минута Мантов паѓа на теренот и се преселува во вечноста
Никола Мантов вечно ќе го носи дресот на „Осогово“ со бројот 7
Фудбалот бил неговата најголема љубов. Меѓу соиграчите ќе остане запаметен како фудбалер за пример и голем другар.
Со одлука на Советот на Општина Кочани градскиот стадион го носи името на Никола Мантов.
Вечна ти памет , легендо! Ќе те чуваме во нашите срца!
логотип: Димитар Георгиевски
фото-обработка: Pucho
фактографија: публикација „80 години фудбал во Кочани“, автор м-р Методиј ХаџиПаунов
Преземено од ЗГ „Никола Мантов“