Радио Кочани
Кочани

Оркестарот “Осоговски извор” од Оризари ја освои Гран При наградата на Фестивалот „Пеце Атанасовски“

1,402

Изворниот оркестар „Осоговски извор“ од Оризари ја доби Гранпри наградата на 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржа во Прилеп и на Рудина, Долнени.

Инаку оркестарот на изворни инструменти  „Осоговски извор” од Оризари, Кочани претставува продолжение на истоимениот оркестар кој се појавува под ова име уште во минатиот век кој го сочинуваа добро познатите Браќа Стојанови. Денес го сочинуваат млади музичари кои на професионален план ја негуваат македонската изворна музика од пределот на Осоговските Планини.

Покрај инструменталните изведби застапено е и машкото двогласно пеење кое е карактеристично за овој предел. Оркестарот има остварено неколку самостојни концерти како во земјава така и во странство. Успехот го потврдуваат признанијата кои ги добива и овациите од страна на публиката.

Гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени ја доби гајдаџијата Роберт Митров од Фолклорниот ансамбл „Велигденски цветови“ од село Јаргулица, Радовиш.

Жири комисијата на фестивалот составена од професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и д-р Стојанче Костов доделија и специјални награди за учесниците од Србија и Бугарија и за исполнители од Македонија. Наградите беа доделени на синоќешната втора, завршна вечер што се одржа на Рудина, Долнени.

На годинашниов Фестивал учествуваа околу 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија, како и гости од Србија и од Бугарија.

Д.Михајлов

 

 

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio