Радио Кочани
Кочани

Николовски – Царев Врв ќе се вброи во петте најголеми ски центри во регионот, и ќе допринесе за развој на туризмот, економијата и бизнисот

527

Денеска во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство министерот Љупчо Николовски заедно со градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на општина Кочани, Љупчо Папазов, на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, на општина Кратово, Тодорче Николовски, како и Центарот за развој на Источниот плански регион и Центарот за развој на Североисточниот плански регион, потпишаа Мемодрандум за заедничка соработка во реализацијата на проектот – Изградба на ски центар на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини.

Првиот чекор кон реализацијата на ски центарот Царев Врв е обезбедување на солидна информациона основа за изработка на урбанистички план (мастер план), за изградба на ски центарот на Царев Врв и развој на ски туризам на Осоговските Планини. Мастер планот би опфатил ажурирање и дополнување на постојната Физибилити студија за Ски центар Царев Врв со подготовка на идеен проект, геодетски работи за обезбедување на максимален квалитет на подлогите за проектирање и висока точност при пренесувањето на проектираната состојба на терен, ревизија и урбанистичко планирање со Стратегиска оцена за влијанието на животната средина.

Преку ставањето на ски центарот Царев Врв на листата на национални стратешки приоритети, изработката на потребната документација претставува највисок јавен интерес.

„Проектот за зимски ресорт на Осоговските планини, на местото познато како Царев Врв е идеја на која се сеќавам уште од моите детски денови. Се радувам што денес преку чекорите кои заеднички ги правиме, исполнуваме дел од нејзиното реализирање. Овој ресорт е капитален проект, кој ќе донесе развој на туризмот, развој на економијата и бизнисот од истокот и североистокот. Зимскиот ресорт Царев Врв ќе придонесе за развојот на зимските спортови, ова е мега-проект кој ќе се вброи како еден од петте најголеми ски центри во регионот. Преку овој проект ја ставаме Република Северна Македонија во светските турстички карти, како земја со најдобри атрибути за посета и рекреација“ истакна министерот Николовски при потпишувањето.

Овој стратешки проект обезбедува подобри услови за работа и живот на жителите од истокот и североистокот, но ќе придонесе и за намалување на иселувањето и отпочнување на враќањето кон родниот крај во кој веќе се создаваат предусловите за европско живеење.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој финансиски ќе помогне во развивањето на физибилити студијата за зимски ресорт на Царев Врв

Министерот Николовски заблагодарувајќи се на сите учесници во овој значаен проект, истакна дека сите потписници на Меморандумот денес со својот потпис оставаат траен белег за идните генерации, придонесувајќи во развојот и перспектива на македонскиот исток.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio