Пожарот кој пред извесно време избувна на градската депонијата во Кочани е ставен целосно под контрола. Меѓутоа депонијата која деновиве константно чадеше, претставува сериозен повеќе децениски проблем како за населението, така и за службите кои се борат со нејзиното гасење и смирување. Имено, гасењето одеше во отежнати услови, бидејќи во депонијата се наоѓа метан во поголеми количини кој е лесно запалив и брзо согорува. Но особено сериозен проблем при гасењето преставуваат лицата кои неовластено престојуваат на градската депонија поради што беа упатени писмени реакции од страна на КЈП “Водовод” Кочани до надлежните институции за нивна дислокација.
Во текот на претходните денови КЈП “Водовод” Кочани во координација со локалната самоуправа и Градоначалникот на општина Кочани, изврши подготвителни активности во насока на затрупување на потенцијалните жаришта на пожар на самата депонија со земја. За оваа цел, освен механизацијата на КЈП “Водовод” Кочани, со помош на локалната самоуправа е ангажирана и дополнителна механизација која ќе учествува во затрупувањето на депонијата со земја и целосно гасење на пожарот.
Затрупувањето на депонијата со земја со пристигнатата механизација е започнато од вчера, а ќе се одвива и за време на викендот, односно до целосно расчистување и затрупување на потенцијално опасните места.
КЈП “Водовод” Кочани упатува апел до сите граѓани за одговорно и внимателно однесување при депонирање на отпад на градската депонија, со цел да се избегне предизвикување на нови пожари.
Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња.
ПрифаќамПовеќе