Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Фото: gol.mk
Фудбалската репрезентација на Македонија го остави зад себе триумфот над Малта во квалификациите за Европското првенство 2024 и своите мисли ги насочи кон Фарски Острови.
Распоредот од квалификациската група на Македонија ѝ донесе само еден натпревар во првата репрезентативна пауза, па затоа момците на Благоја Милевски слободниот термин ќе го искористат со пријателски натпревар против Фарски Острови.
По очекуваниот, но тешко извојуван триумф над Малта, Милевски ослободи неколку стандардни првотимци кои се пожалија на ситни повреди и дополнително го повика младиот Јован Манев. Одличниот стопер на Адана Демирспор во Турција за првпат се најде во друштво на најдобрите македонски фудбалери и го одработи првиот тренинг како сениорски репрезентативец.
Милевски на средбата со Фарски Острови нема да може да смета на Муслиу и Зајков од одбраната, па нема да биде изненадување доколку Манев веднаш се најде во стартниот тим. Покрај искусните стопери, против островјаните нема да играат уште Адеми и Димитриевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови се игра в понеделник од 18:00 часот.
Извор: Gol.mk