Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Денес е „Прочка“ – празникот за проштавање и очистување од гревовите….
Денеска православните верници го слават празиникот во народот познат како Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на празникот се менува во зависност од датата на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Житие: Прочка
Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа ? е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста. Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род. И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби. Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.