Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Последен ден од јануари – православните го слават Свети Атанасиј Велики
31 јануари е последниот ден од овој месец, а воедно и голем празник посветен на Св. Атанасиј Велики, голем борец за вистинското православие. Нашиот народ два пати го празнува споменот на свети Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, а на 15 мај Танасовден ‒ летен.
Во народното верување овој светец е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. Затоа се верува дека главните студови веќе се поминати.
Сепак, како предупредување дека зимата не е замината, односно дека студовите можат да изненадат останала пословицата „Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас“. Во гевгелиско мислеле дека Св. Атанас кој е „средзима“ и дека е лесен празник, не е аталија (кобен). Се држел како празник до пладне, а после и да се работи не се сметало за грев. Мислејќи на зимските студови овде се велело дека е тешко до Св. Атанасиј, а после и тој што е за умирање не се предава.
Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…
На Свети Атанасиј и денот е веќе подолг. Од 21 декември, кога денот почнува да се зголемува, денот од денес е подолг за еден час.