Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Годишно обраќање на градоначалникот Љупчо Папазов пред Советот на Општина Кочани
На 23. седница на Советот на Општина Кочани, градоначалникот Љупчо Папазов имаше годишно обраќање во кое говореше за амбиентот за работа во 2022 година, за условите и поддршката од граѓаните и од членовите на Советот.
– Ви благодарам за донесувањето на Буџетот за 2023 година и ве повикувам во претстојната година сите заеднички да се посветиме на интересот на граѓаните, со исполнување на буџетските планирања. Во 2022 г. ја испуштивме можноста да пристапиме кон регулираниот пазар на електрична енергија и да ја користиме регулираната цена за набавка на струја за јавното осветлување, со тоа да заштедиме 10-ина милиони денари во сериозната енергетска криза и тие средства да ги вложиме во капитални инвестиции. Вкупното извршување на буџетот до одржувањето на седницата е 87,89 %, расходите се 82,42 %, извршувањето во делот на самофинансирање е 82,92 %, во делот на дотации е 93,33 %, а во делот на донација 67, 32 % – истакна Папазов.
Во годишното обраќање градоначалникот презентираше анализа на работењето на Советот, со одржани седници, донесени одлуки и работа на комисии.
– Ја пропуштивме можноста со поддршката на цената на геотермалната вода што ја испорачува до корисниците, да му овозможиме на КЈП „Водовод“ колку-толку во оваа криза да издвојува средства за инвестирање во квалитетно водоснабдување, изнесување на сметот и другите услуги кон граѓаните. Да го смениме начинот на работа во следната година – повика Папазов.
Во делот на реaлизацијата на проектите и програмите, градоначалникот го истакна продолжувањето на реализацијата на проектот за уредување на Градскиот парк; дооформувањето на булеварот „Стево Теодосиевски“; реконструкцијата на 2 200 м од потисниот цевковод од системот за водоснабдување; изградбата на колекторскиот систем во Тркање, кој ќе се поврзе со Пречистителната станица за отпадни води и др.
– Реализирана е поддршка во образованието, социјалата, здравството, културата, каде претстои реставрација и конзервација на Споменикот на слободата, проект што ќе биде проследен со хортикултурно уредување и облагородување на околината со дополнителни содржини – информираше Папазов.
Во своето годишно обраќање градоначалникот повика на поддршка во заедничката реализација на сите предвидени позиции од буџетот на Општината за 2023 година и конструктивно дејствување со отчетност, одговорност и транспарентност. На членовите на Советот и на сите граѓани на општина Кочани им посака здравје, среќа и успех во Новата 2023 година.