Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
„Приказни од петка“, прво прозно дело на Соња Драгољуб Гиздавиќ, ќе биде промовирано на 10 -ти овој месец во ЦК „Бели мугри“. Промоцијата ќе започне во 18 часот во фоајето на кочанската Национална установа.
Гостите низ промоцијата ќе ги водат Љупка Јорданова и Анастасија Михаилова, две девојчиња, членови на Драмското студио на „Бели мугри“. Рецензент е Доне Донев, а улогата на промотор ја има Габриела Стефановска.
Соња Драгољуб Гиздавиќ е познато новинарско име од повисоко ниво. Целиот свој работен век го има поминато во националната МРТ. Новинарство специјализирала во Париз, Франција.
Таа е креативец во буквална смисла. Зад неа се четири книги – поезија. Автор и организатор е на пет модни ревии, изработува уметнички накит, активна е во применетата уметност.
„Приказни од петка“ е нејзино прво прозно искуство. Се состои од 31 расказ од животот, во кои автобусот „петка“ во кој се вози авторката, има значајна улога.
Соња Драгољуб Гиздавиќ не е член ниту на Друштвото на писателите на Македонија, ниту на Друштвото на уметниците. Во шега помеѓу пријателите вели дека се чуствува како сокол. А орлите и соколите не летаат во јато.
„Приказни од петка“ е отпечатена во Печатницата „Европа 92“ во 800 примерока.