Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Навивачи на ГФК „Осогово“ опремија сала за фитнес и теретана и ја подарија на нивните фудбалери. Со оваа донација ГФК „Осогово“ станува прв фудбалски клуб во источна Македонија кој во рамки на стадионот има своја сопствена сала за фитнес и теретана
Членовите на граѓанското здружение „Никола Мантов“ од Кочани денеска подарија целосно опремена сала за фитнес и теретана на нивните миленици – фудбалерите на градскиот фудбалски клуб „Осогово“ од Кочани. Салата е опремена со повеќе справи и реквизити за вежбање меѓу кои се преса за нозе и шут-машина кои се најважните справи за тренажен процес на фудбалерите. Просторијата која сега е сала за фитнес и теретана до април била подтрибински простор со големина од 60 квадратни метри што се користел како одлагалиште за непотребни работи. Сега просторијата е целосно опремена со нови ПВЦ врати и прозори, нов гумиран спортски под, справи и реквизити за суви тренинзи.
Вредноста на инвестицијата е околу 200.000 денари кои се обезбедени од лични средства на членовите на здружението „Никола Мантов“ од Кочани како и од поединци и компании кои се одзвале на нивните апели и донирале средства или помогнале во изведбата. Во име на здружението клучевите од салата ги предаде неговиот претседател Никола Стојанов, а ги прими Ефтим Аксентиев, долгогодишен успешен фудбалер и актуелен шеф на стручниот штаб на ГФК „Осогово“. Навивачите на ГФК „Осогово“ организирани прво во група граѓани, а потоа и во здружението „Никола Мантов“ за период од две години, заедно со нивни поддржувачи, во нивниот омилен клуб во опрема и финансиски средства донирале над 10.000 евра.
ГФК „Осогово“ е фудбалски клуб со 98 годишна традиција кој повеќе од 30 сезони играл во првата Македонска фудбалска лига. Сега овој клуб е првопласиран во Третата лига исток со аспирации за пласман во повисок ранг на натпреварување. Здружението „Никола Мантов“ е формирано во чест и спомен на истоимениот фудбалер на „Осогово“ кој во 1973 година починал од срцев удар за време на натпревар од Првата македонска фудбалска лига на градскиот стадион во Кочани кој од тогаш го носи неговото име.