Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
,,Војничето” што вака, така или онака се здобило со висок чин ,,наредник”, чекори исправено и достоинствено со актуелно моќно ,,знакче” тетовирано на челото. Високиот чин и знакчето се моќна комбинација, која привлекува, плени… А тоа, дали е трајна или привремена тетоважа, строго наменска или пак не, само времето (можеби) ќе покаже. И за голема среќа, многумина, знакчето го забележуваат навреме. Па, експресно, на своите лица ја местат широката насмевка и веднаш чинат длабока метанија.
Сетики, знакчето е многу опасно ако не види насмевка, а уште поопасно, ако метанијата не е доволно длабока.
Каква глетка !
Уф, уф, уф, колку ли е тешко достоинственото чекорење со толку моќната тетоважа?
Но, како минува времето, ако опасниот знак на челото не ги дава очекуваните резултати и има се помалку насмевки и се помалку метании во неговото опкружување,,,војничето” не очајува. Многу досетливиот имател на тетоважата вклучува новини за освежување на моќта. Па затоа на рамената, на место војнички еполети, става двостран габаритен транспарент со потсетувања и предупредувања за големата моќ на ,,знакчето”.
Каков уметнички впечаток.
А, па, каква ли е само тежината на транспарентот?
Но, по некое време ако и тоа не ги дава посакуваните ефекти, примената на бучни помагала е неизбежна.
,,Наредникот” си вградува засилувач во грлото и си го најавува моќниот говор.
Па, вика ли, вика:
,,Внимание! Внимание!
Чујте и почујте, народе !!!
Ова е важна вест. Сите до еден треба да ја знаат!!!
Јас сум со чин наредник!!!
Јас сум назначениот наредник!!!
Јас сум наредувачоооот!!!
Јас умеам само да наредувам!!!
Јас имам дозвола да наредувааам!!!
Каква будалетинка…..
Бурлеска за народ што не знае дека постоиш.
И, така, ден за ден, лека полека, ,,наредникот” го стигнува наплив на разочарување дека не направил доволно, па одлучува да вреска на цел глас. Секој Божји ден. Од утро до мрак.
,,Знаете ли кој сум јас?
Јас сум наредникот!!!
Јас сум тој што умее да наредуваааа!!!
Јас сум со дозвола за наредувањеее!!!
Јас сум…….Јас сум …….Јас сум…….?????”
Еј, ,,наредникот” сигурно е љубител на серијалот за Бонд. Извонредно смислена копија на репликата:
,, Јас сум Бонд……..Џејмс Бонд………..
и имам дозвола за ,,убивање”.
Затоа, ,,наредникот”, по бучниот ден, пред спиење мора да пие огромни количини врел чај за наутро гласните жици да му бидат повторно во добра кондиција, оти мора и утре да излезе на бис.
Што се мора не е тешко.
Но, доколку се јави потреба, во златна резерва си чува, само уште една подостоинствена наредба.
,, Јас сум наредникот и наредувам сите да ми се насмевнуваат и да ми чинат метанијааааа!!!
Страшно добра наредба. А толку слична на сите претходни. Кој ја разбрал, разбрал. Кој не, ќе му биде повторена, се додека не ја разбере. Милом или силом.
И така, еден тажен ден, ,,наредникот” од толку подносливата тешкотија на врескањето, пардон, наредувањето, може да го изгуби гласот. Тоа ќе биде траорно, ден на жалост. Каква штета би било тоа?
,,Наредникот” е толку многу надарен врескач. И толку верно се носи со подносливата тешкотија на наредувањето.
Завалијата….. колку ли само му тежи паметот на ,,наредникот”? А, пак, колку ли е тежок напорот да се смислуваат тие, едноставно, глупави наредби?
Тежина, тежина, не е шега.
А, колку ли само убавина блика од „наредникот” кога вреска, упс, наредува.
Ајде, нека е жив, здрав и вечен… ,,наредникот”.
Арно мудрувал народот кога кажал:
Убавината е минлива, а глупоќата – вечна.
п.с. Блазе си ни.
Си имаме инспиративни ликови со високи ,,војнички” чинови, чии сторенија провоцираат искрена смеа.
И тоа, смеа без зорт и без наредба. Затоа, смејте се и виткајте се до земја на оваа пародија што оди во живо.
Можеби ќе нема снимка за реприза.
Препорака:
Прочитајте го романот ,,Неподносливата леснотија на постоењето” од Милан Кундера. Во него ќе откриете што е поднослива тешкотија прикажана преку животот на интелектуалците кои се спротивставуваат на околностите во кои се наоѓаат. Нема да зажалите.
м-р Габриела Стефановска
обичен културен работник