Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Бочварски – За фотоволтаици на земја да се внимава на имотно-правните односи и на урбанизацијата
Откако во Собранието ќе бидат изгласани измените на Законот за градење граѓаните веднаш ќе можат со новата и брза постапка да поставуваат фотоволтаци на своите објекти, на објектите за станбено домување и на деловните објекти без да чекаат некакви процедури во општините со документацијата, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Измените што ги предложи Министерството за транспорт поминаа на Комисијата за транспорт и врски и на Законодавно-правната комисија и како што рече министерот, се чека да бидат ставени на пленарна седница и да бидат изгласани.
Бочварски посочи дека останува иста процедурата согласно урбанистички план за поставување фотоволатици на земја, но оти мора да се внимава на имотно-правните односи на земјиштето и на урбанизацијата. – Дали има таква намена на земјиштето за поставување таков тип на објекти заради тоа што од исклучителна важност е да не се јават имотно-правни спорови, судски постапки при поставувањето на вакви објекти. Заради тоа овде постапката останува иста. Ние сме подготвени, имаме голем број постапки, имаме голем број на постапки во општините коишто се јавуваат за поставување фотоволтаици на земјиште, така што од тој аспект граѓаните можат да пристапат и во таква постапка за инвестиции, рече Бочварски, посочувајќи дека има утврдена процедура и за енергетскиот сегмент во процесот за фотоволтаици со енергетските претпријатија.
Со законските измени се предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до шест киловати и од сите субјекти потрошувачи – производители до 40 киловати. На колективните згради со етажна сопственост вакви електроцентрали можат да бидат поставени од заедницата на сопственици, односно Совет на станари единствено за заедничките простории.
Клучно со измените е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега. Инвеститорите на електроцентралата се должни само да ја известат единицата на локалната самоуправа за поставување на електронапонска централа и да ги достават документите: Извод од Централен регистар доколку инвеститорот е правно лице, што значи за фирмите или компаниите или копија од лична карта доколку инвеститорот е физичко лице за куќа или домаќинство, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонска електроцентрала или доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот се доставува договор склучен со сопственикот на објектот или писмена согласност од сопственикот.
Исто така, потребен е основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала или доколку е во колективна станбена зграда писмена согласност за поставување на фотонапонска електроцентрала од мнозинството од сопствениците на посебни делови на објектот кои претставуваат повеќе од половина од вкупната површина на објектот. Основниот проект треба да содржи општ дел и проектен дел кој се состои од архитектонски проект за електрична инсталација и опрема. Градбите се поставуваат од страна на изведувач со лиценца, се ставаат во употреба врз основа на изјава дадена под кривична и материјална одговорност од страна на изведувачот дека е поставена согласно основниот проект, каде што максималната инсталирана моќност на електроцентралата не надминува 40 киловати за правните лица, односно шест киловати за домаќинствата. Фотонапонската електроцентрала е приклучена на електроенергетската инфраструктура, односно приклучокот на ЕВН. Инвеститорот е должен после оваа процедура примерокот од изјавата на изведувачот да го достави до единицата на локалната самоуправа и до Агенцијата за енергетика.