Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во салонот на спратот во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани синоќа беше отворена ликовната изложба „Вера, Надеж, Љубов“ од авторка Нада Ѕмбова Донева, нејзина втора по ред.
Станува збор за триесетина слики работени во акрилна техника на платно, создавани во еден период кога и авторката и повеќемина од нас поминуваа долго време во своите домови поради епидемијата од ковид.
Изложбата „Вера, Надеж, Љубов“ на Ѕмбова Донева беше еден од најпосетуваните настани од таков вид до септември оваа година организирани во Националната установа од културата во Кочани и за публиката ќе биде достапна во наредните две недели.
Во рецензијата за изложбата, историчарот на уметност Илинка Атанасова нагласи дека наспроти професионалната определба како биолог и наставник во основно училиште, Ѕмбова Донева чувствува силен предизвик соодветно да ја манифестира својата креативност.
„Делата што се претставени вечерва пред вас се создавани во многу турбулентен период на глобален психолошки притисок, период на пандемија што ги затресе темелите на дотогашниот начин на живеење и поттикна промени во сите сфери, а неминовно, се променија и уметничките принципи. Уметноста ја изгуби својата улога во функција на човекот и општеството, а стана одраз на субјективното чувство на индивидуалност што води до видливи противречности.
Во создавањето на делата, авторката поминува низ субјективо себеосознавање и ги заснова врз препознатливи, но непрепознатливи содржини и предмети од природата, со издвојување на нивните геометриски својства. Дотогашниот простор ја губи својата перспектива, а почнува да доминира боја, материја, светлина и енергија како средство да освојување нов, вистински простор“, рече Атанасова.
Ова е втора самостојна изложба на Нада Ѕмбова Донева, која од првата изложба во 2019 – та до сега со свои ликовни творби има учествувано на уште неколку групни изложби во републиката.
Видете го видео материјалот од изложбата „Вера, надеж, љубов“.