Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Советот на Општина Кочани ја одржа 18. редовна седница, чиј дневен ред од првично предложените 18 точки беше проширен со уште 15.
Советот ја повлече од дневен ред согласноста на Одлуката за зголемување на цената на метар кубен геотермална вода, по барањата од членови на Советот да се консултираат најголемите корисници на геотермална вода во формирањето на нејзината цена. Како резултат на тоа, не беа усвоени и одлуката за измена и дополнување на Статутот на „Водовод“ и за основање подружница на Комуналното јавно претпријатие.
Иако основната причина за предложениот ребаланс во Буџетот на Општина Кочани е за да се обезбедат услови за плаќање на електричната енергија, Советот не го усвои, заедно со измените во десет општински програми, што ја доведува Општина Кочани во незавидна состојба и може да предизвика исклучување на електричната енергија на општинските објекти и на јавното осветлување.
На 18. седница, Советот ги усвои извештаите за работењето од претходната учебна година и годишните програми на општинските средни училишта за тековната учебна година; плановите за вработување за 2023 година во Детската градинка „Павлина Велјанова“ и во Библиотеката „Искра“, а донесе одлука за давање на времено користење на делови од недвижна ствар без надоместок на Министерството за одбрана – Одделение за одбрана Кочани.
Членовите на Советот изгласаа неколку иницијативи: за изработка на физибилити студија за основање јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија; иницијатива за развој и примена на системско и одржливо решение за обезбедување храна за лицата кои живеат во сиромаштија како и достава на храна до тешко подвижни лица; иницијатива за доделување еднократна помош во висина од 6 илјади денари за лица со попреченост, како и иницијативата за поставување безбедносни камери на територијата на општина Кочани.
Според најавите на претседателот на Советот на Општина Кочани, Лазо Митев, во првата седмица од октомври ќе се одржи нова седница на која ќе се најдат точките за кои беа побарани корекции и доработка.