Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Со велосипедската тура „По патеката на оризот“, Општина Кочани го одбележа Меѓународниот ден без автомобили. Повеќе од двесте велосипедисти возеа на релацијата долга 15 километри, што го поврзува Кочани со населените места Грдовци, Мојанци и Горни Подлог.
На велосипедската тура учествуваше и градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој ја истакна важноста на користењето на превозни средства што не ја загадуваат животната средина.
Годинава, поддршка на настанот даде Ротари клубот Кочани-Виница, кој за велосипедистите обезбеди рефлектирачки елеци со натпис „Биди видлив“.
Според Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот, целта е да се пренесе пораката велосипедистите да бидат соодветно обележани и заштитени, но и за посебно внимание од возачите кон оваа категорија учесници во сообраќајот.
Велосипедистите паузираа во кругот на манастирот „Свети Јован“ во селото Горни Подлог, каде мештаните им организираа закуска.
Турата се спроведе според протоколите за безбедност во сообраќајот од страна на Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Со овој настан Општина Кочани се вклучи во одбележувањето на Европската недела на мобилност.