Радио Кочани
Кочани

Меѓународен турнир во карате „63 Ангели“ – во чест на жртвите од пожарот во Кочани

172

Карате клубот „Партизан“ од Кочани иницира организирање на меѓународен турнир во карате, во чест на жртвите од трагичниот пожар што се случи на 16 март 2025 година во Кочани. По тој повод, денеска претставници на клубот остварија средба со градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, кој изрази целосна поддршка за иницијативата.

Според првичните најави, меѓународниот турнир ќе се одржи на 28 февруари и ќе го носи симболичниот назив „63 Ангели“. Настанот ќе има хуманитарен карактер, а средствата собрани од котизацијата на учесниците ќе бидат наменети за лекување на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“.

Се очекува на турнирот во карате да учествуваат екипи од земјите од Балканот и од Европа, што ќе му даде меѓународна димензија на настанот и ќе ја пренесе пораката за солидарност и заедништво надвор од границите на државата.

Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека ваквите иницијативи се од особено значење за градот и за семејствата погодени од трагедијата.

– Ова е силен и достоинствен начин да се оддаде почит на оние што ги загубија животите и истовремено да им се помогне на повредените. Општина Кочани ќе даде поддршка на турнирот „63 Ангели“, кој носи порака на хуманост, спортски дух и заедништво – соопшти Грозданов.

Организаторите најавуваат дека во наредниот период ќе бидат објавени дополнителни информации за програмата и за учеството на екипите.

© 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Радио Кочани. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio