Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Мицкоски најави дополнителна поддршка од 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа
Премиерот Мицкоски денес на својот Фејсбук профил објави дека е постигнато решение за откупот на оризот, што ќе биде значајна поддршка за производителите на „белото злато“. Според објавата, донесена е одлука дополнително да се поддржи откупот со субвенција од 6.000 денари за 1.000 килограми оризова арпа наменета за извоз. Покрај тоа, оризопроизводителите ќе добијат и субвенции од 18.000 денари по хектар за тековната 2024 година.
Оваа мерка следи по низа средби што се одржаа меѓу премиерот, ресорниот министер, оризопроизводителите и откупувачите, на кои се разгледани и анализирани проблемите со кои се соочуваат сите засегнати страни.
Оризопроизводителите ја поздравуваат и прифаќаат оваа одлука, оценувајќи ја како значаен чекор напред. Меѓутоа, тие укажуваат дека оваа поддршка не е доволна за решавање на долгогодишните проблеми што ги мачат, како што се решавање на имотно-правните односи, водоснабдувањето и достапноста на сертифициран семенски материјал. Тие сметаат дека овие прашања исто така треба да се адресираат со цел да се обезбеди стабилен развој на оризопроизводството во иднина.