Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Теа Георгиевска е избрана за Мис на Македонија и ќе ја претставува Македонија Мис Универзум
Tеа Георгиевска од Куманово е избрана за Мис на Македонија и ќе ја претставува Македонија на светскиот избор на Мис Универзум на 16 ноември во Мексико. На манифестацијата која се одржа сношти (8 октомври) во Националната опетра и балет се натпреваруваа 19 финалистки, од кои се избраа Мис, прва, втора, трета и четврта придружничка.
„Се пријавив на овој избор за да ги поместам сопствените граници, да си докажам самата на себе и на сите околу мене дека можам многу, дека сум многу храбра и многу самоуверена. Би сакала да се поправам во секоја смисла, да учам и да осознавам“, рече Теа Георгиевска, која има 21 година и е членка на модното студио „Црнокрак“.
Во Македонија 15 години немало организиран избор на Мис, а ова беше првиот избор за Мис Универзум со добро осмислено сценарио, црвен тепих и со коктел со кој беа пречекани гостите пред Операта. Лиценцата за организација ја купи Шакир Села од модната агенција „Даман“ од Истанбул, скопјанец кој 30 години живее во Турција.
„Ова ме потсетува на 1992 кога ја освоив титулата Мис на Македонија и ме обзема носталгија кога ќе помислам на тој избор во Универзалната сала“, рече Татјана Стојановска, која заедно со Бојана Тевчева и Борислав Тноковски го водеше шоуто.
Водителката Ирена Спировска, која беше Зимска убавица на Македонија за 1993, беше дел од жирито, како и моделот Светлана Црнокрак.
Симболично, додека се броеја гласовите, Тамара Тодевска ја испеа евровизиската „Горда“, со која го освои седмото место на Евровизија во 2019 во Тел Авив и им ја посвети на девојките кои дефилираа.
За време на подготовките изминативе недели, кандидатките за Мис ги посетија училиштето за ученици со пречки во психичкиот развој, аутизам и мултихендикеп „Д-р Златан Сремац“ и училиштето и ресурсен центар „Иднина“.
„На изборот на Мис Универзум има само едно ограничување, кандидатката да биде полнолетна. Битна е убавината на жената во универзална смисла“, кажа Татјана Стојановска.
Македонија за првпат ќе има претставничка на изборот на Мис Универзум, кој се одржува по 72. пат, а ќе се натпреваруваат кандидатки од 139 земји.
Девојките на сцената дефилираа неколкупати, а шоуто почна со нивно појавување во народна носија, додека играорци играа ора. Теа Георгиевска за награда ќе добие договор со модната агенција „Даман“ во вредност од 50.000 евра.
Извор: https://smart.sdk.mk/