Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Се испорачуваат учебниците за учебната 2024-2025 година, Јаневска со апел до директорите на училиштата да бидат подготвени за приемот
Министерството за образование и наука информира дека во тек испораката на одобрените и испечатени учебници и наставни материјали кои ќе се користат во основните и средните училишта во учебната 2024-2025 година. Согласно дефинираната динамика, испораката треба да биде заокружена пред првиот училишен ден – 2 септември, но за остварување на планот, неопходна е кооперативност и ажурност на сите училишни директори.
Во оваа насока е и пораката која министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска ја упати до училишните раководства, посочувајќи дека учениците и наставниците се нивна основна грижа и токму нив им требаат учебниците, а тоа значи дека треба да организираат соодветен прием на истите.
„Ваша обврска е да ги примите учебниците во терминот кој навремено ви е посочен од дистрибутерот. Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година“, вели министерката Јаневска во пораката до директорите на основните и средните училишта.
Таа додава дека дистрибутерите немаат должност да доаѓаат по втор или по трет пат во училиштето за да ги достават учебниците и затоа, било какви изговори на директорите за одложување на приемот се неприфатливи.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука заедно со другите надлежни институции продолжува да се заложува за обезбедување на сите останати учебници по предметите во основното и средното образование за кои досега не се одобрени. Акцент ќе биде ставен на учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение за кои процесот за одобрување е започнат, но и поништен од претходното раководство во МОН и во тек е жалбена постапка, по чие завршување, повторно ќе се објави јавен оглас согласно законските прописи.