Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Почитувани пријатели, познаници, љубители на Македонската рок музика – кои живеете во САД !!!!
Со огромно задоволство сакам да ве известам дека во периодот од 03-30 Септември 2024та година ќе заминам во САД со единствена цел….да го реализирам долго планираниот проект – кој изворно се сведува на популаризација на Македонската рок музика/култура помеѓу македонските иселеници во САД (Предавање за “Историја на Македонската рок музика, 1963-2023), проект кој особено е насочен кон младата популација македонски иселеници. Кон оние кои можеби и немале реална можност изворно да ја запознаат убавината и разноликоста на Македонската рок музика низ изминатите шест децени, но и сегашната активна и подмладена сцена.
А сме имале и сеуште имаме, извонредно богата музичка сцена која силно влијаела врз оформување и надградување на автентичниот македонски урбан културен идентитет. Дел од вас можеби сигурен сум дека биле и активен дел од таа сцена, дел биле само фанови и посетители низ илјадниците концертни настани а дел само наслушнале дека таму доле во татковината нешто убаво и креативно се случувало… Но за жал низ децениите наназад, кога таа сцена се формирала и созревала, само неколку музички групи успеале да стигнат во САД и да отсвират по некој концерт….Леб и Сол, Kismet, Bernays Propaganda…..и тоа за жал е се. Ниту пак на некој друг начин институциите од матичната држава, таа врска со урбаниот културен потенцијал во татковината, на био кој начин се обидувала да ја воспостави, стимулира а потоа и зајакне. Затоа веројатно и вашите поколенија многу малку или воопшто не знаат како таа сцена се родила, се развивала и што зад себе како физички документ оставила. И каква е ситуацијата денес.
Моето доаѓање во основат ја има токму таа цел, да помогнам во создавање на тие врски, секаде каде што ќе ме поканите. Би дошол секаде каде што може да се организира едно (двочасовно) дружење со вас и вашите наследници, и низ едно наративно (но и аудио и визуелно) патување….би ви ја преставил таа пребогата Македонска урбана музичка сцена.
Ајде заеднички да се обидеме да отвориме нови патиштата на една поинаква, урбана комуникација, со вас и заедничката ни татковина – Македонија.
Воден од ентузијазмот и желбата да ја забележувам (во книги и музички изданија) и преставувам (промоции, интервјуа и предавања) оваа Македонска рок сцена, и тоа насекаде каде што ќе ми се укаже можност, во Македонија, Европа или секаде каде што има и еден Македонец…..ќе стигнам и до САД.
Затоа драги мои пријатели, Би сакал да стапам во контакт со секој еден љубител на Македонската рок музика а кој живее во САД, и кој може да ми помогне на било кој начин во организација на овие предавања/патувања низ неколку делови во САД. Основната поддршка од Министерството за Култура се сведува на авионска карта за Њу Јорк, неколкудневен престој таму и предавање во Македонскиот Културен Центар.
Jас искрено се надевам дека со Вашата помош, поддршка и совет, ќе успеам да стигнам (одржам предавање) и до Вашингтон (во процес на потврда), Чикаго (во процес на потврда), Детроит (барам контакти), Кливленд (барам контакти), Атланта (во процес на потврда), Флорида (барам контакти)….и можеби уште на некое друго место каде има поголема концентрација на Македонци.
Поддршката и вашите совети ќе ми значат многу !
Се гледаме во септември….таму кај вас…
Фејзбук статус на Тошо Филиповски